24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев се сретна со претставници на Светска банка

Заев се сретна со претставници на Светска банка

Премиерот Зоран Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски, се сретнаа со делегација на Светска банка, предводена од регионалната директорка на Светската банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер.

Како што соопшти владината прес-служба, Ван Гелдер го информирала Заев за позитивните прогнози за економскиот раст во Македонија, кои неодамна беа презентирани во редовниот економски извештај на Светската банка за Западен Балкан, како и за изготвената систематска дијагностика за Македонија, каде се констатирани можностите за инклузивен и одржлив раст на земјата со идентификувани приоритети во политиките, како и бариерите кои треба да се надминат за инклузивен и одржлив раст на земјата.

Во главните пораки на студијата која е насловена „Македонија: Зграпчување на посветла иднина за сите“, а која е подготвувана од октомври 2017 година до март годинава, се констатира дека Република Македонија постигна стабилен раст и создаде работни места, намалувајќи ја сиромаштијата и нееднаквоста на приходите.

Заев ја истакнал заложбата на Владата за зголемување на процентот на бруто-домашниот производ (БДП), истакнувајќи дека тоа еден од двигателите за подобрување на животниот стандард на граѓаните, нагласувајќи дека Владата презема конкретни мерки за мотивирање во приватниот сектор, подобрување на конкурентноста во таа област со цел да бидат отворени нови, добро платени места, кои ќе ги задржат младите да работат во својата татковина.

На средбата било истакнато дека се важни континуираните заложби на фискална консолидација, воведување даночни реформи, подобрување на квалитетот и ефикасноста на социјалните трошења, подобрување на управувањето со јавни финансии и јавните инвестиции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП