23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев: Законот за финансиска поддршка на инвестициите нуди еднаква поддршка за домашни...

Анѓушев: Законот за финансиска поддршка на инвестициите нуди еднаква поддршка за домашни и странски компании

Со законот за финансиска поддршка на инвестициите се изедначуваат домашните и странските инвеститори, а се работи за многу важен закон, максимално транспарентен и поддржувачки за сите компании во земјата, рече заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој денеска се обрати на пленарната седница на Собранието, на која во второ читање беше усвоен законот за финаниска поддршка на инвестициите.

Анѓушев објасни дека аплицирањето за државна поддршка ќе се одвива според претходно дефинирани критериуми, односно компаниите е потребно да остваруваат пораст на приходите во тековната година во однос на претходните три години, како и да не е намален бројот на вработени во истиот период.

„Владата е отворена за соработка со странските инвеститори. Единствено, Владата беше и ќе остане против неразумното трошење на народните пари и токму во тој дел ја критикувавме политиката на привлекување инвестиции на претходната влада. Овој закон е максимално поддржувачки за домашните, но и за странските инвестиции, дваесет од 23 странски компании што моментално работат, во согласност со проекциите, би оствариле и повисока државна поддршка. Законот е усогласен и со Законот за државната поддршка, а во насока на подобрување на текстот на законот усвоени се и номотехничките сугестиии, кои беа доставени од страна на опозицијата на матичната комисија за економија“, заклучи вицепремиерот Анѓушев.

Пред поднесување на законот за финансиска поддршка на инвестициите Владата реализира низа на активности, јавни дебати, дискусии, средби и состаноци со стопанските комори, академската заедница и невладиниот сектор и во согласност со добиените препораки и сугестии создаден е текст на законот кој ги претставува реалните потреби на македонското стопанството. Со законот се овозможува поддршка на производствените домашни и странски компании, а за компаниите од кожарската и текстилната индустрија олеснети се условите за пријавување за добивање државна поддршка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП