ЕКОНОМИЈА

Невработеноста во Австрија драстично намалена

Невработеноста во Австрија од месец април бележи пад, според информациите минатиот месец 384.486 лица беа невработени, што претставува намалување за 7,1% во однос на истиот месец од 2017-та година.

Во исто време, бројот на вработени порасна за 2,5% на 3,694 милиони, соопшти службата за вработување.

Шефот на „AMS“, Јоханес Коф истакнува дека е задоволен од постигнатите резултати и додава дека позитивната ситуација се развива во најважните економски сектори, како и кај постарите невработените.

Намалувањето на невработеноста е најголемо кај градежништвото и тоа со 16,6%.

Исто така, и во индустријата невработеноста е намалена за 13,5%.

Актуелните предвидувања за економскиот развој, предизвикуваат оптимизам и очекување дека до крајот на годината ќе има понатамошни големи намалувања на бројот на невработени лица, истакнува Коф.

„Причина за задоволство дава самиот развој, но не и апсолутната невработеност“, рече тој.

Имено, стапката на невработеност во Австрија изнесуваше 7,7 %.