Општина Центар од денеска започнува со спроведување на акцијата „Цел Центар на точак“, со која ќе субвенционира 30 отсто од цената на купување нов велосипед, но најмногу до 3.000 денари.
Секој полнолетен жител на општина Центар што ќе купи велосипед, започнувајќи од денеска, 2 мај, потребно е да ги достави следниве документи: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купен велосипед.
Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на Општина Центар, барака број 6, почнувајќи од денеска. По доставувањето на документите, подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и субвенционирањето.
Од Општината наведуваат дека правото на субвенција е еднократно, а акцијата ќе трае сè до исцрпување на предвидените средства во буџетот на Општината.