2 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИНЛБ Банка АД Скопје оствари висока нето добивка за првиот квартал од...

НЛБ Банка АД Скопје оствари висока нето добивка за првиот квартал од годината

Во периодот од 01.01.2018 година до 31.03.2018 година НЛБ Банка АД Скопје оствари висока нето добивка во износ од 967.415 илјади денари или над 15 милиони евра што е повисока за 69,0% во однос на истиот период од лани.

Со 31.03.2018 година билансната сума достигна 75.100.693 илјади МКД, односно се намали за 654.951 илјади МКД или 0,9% во однос на 31.12.2017 година, што главно се должи на сезонски пад на депозитите од небанкарскиот сектор, коишто се намалија за 1.542.290 илјади МКД или 2,5% и изнесуваа 60.028.303 илјади МКД.

Вкупните кредити на небанкарскиот сектор се намалија за 915.500 илјади МКД или за 1,9% во однос на 31.12.2017 година и изнесуваат 47.801.324 илјади МКД, при што падот најмногу се должи на намалената состојба на кредити на нефинансиските друштва.

Нето каматните приходи, заклучно со 31.03.2018 година се повисоки за 2,1% споредено со истиот период од претходната година, при што приходите од камати се пониски за 0,6%, главно поради пониски каматни приходи од кредитите на нефинансиски правни лица,  додека расходите по камати се пониски за 12,0%.

Нето приходите од провизии се повисоки за 16,4%, при што приходите од провизии се зголемени за 6,2% како резултат на остварен пораст во доменот на картичното работење, повисоки приходи од зголемениот број на корисници на трансакциски сметки, електронско банкарство и лично банкарство, како и повисоки приходи од провизии од продажба на полиси. Расходите за провизии се пониски за 13,6%, главно поради пониски расходи поврзани за картично работење и девизен платен промет.

Останатите некаматни приходи изнесуваат 439.024 илјади МКД и се повисоки за 512,2% во однос на истиот период претходната година, главно поради остварена капитална добивка од продажбата на НЛБ Нов пензиски фонд.

Вкупните приходи од работење изнесуваат 1.429.444 илјади МКД и се повисоки за 41,6% во однос на истиот период претходната година.

Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 430.323 илјади МКД и се повисоки за 3,8%. Трошоците за вработени се повисоки за 16,8%, трошоците за амортизација се повисоки за 2,9%, додека останатите расходи од дејност се пониски за 7,5% во однос на истиот период претходната година.

Заклучно со 31.03.2018, беа издвоени Исправки на вредноста на финансиските средства, на нето основа во позитивен износ од 80.709 илјади МКД, што е повеќе за 26,4% споредено со истиот период од претходната година. Исправките на вредност на финансиските средства соодветствуваат на структурата и на квалитетот на пласманите на Банката. Исправките на вредност на нефинансиски средства изнесуваа 4.924 илјади МКД и се пониски за 84% во однос на истиот период 2017, поради помали трошоци за оштетувања на нефинансиските средства во 2017 година.

Комплетниот финансиски извештај можете да го погледнете тука.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП