17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопје и Атина заеднички ќе работат на подобрување на животот на граѓаните...

Скопје и Атина заеднички ќе работат на подобрување на животот на граѓаните во двете престолнини

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, денеска во Скопје ја имаа втората официјална средба на која потпишаа договор за соработка помеѓу главните градови на Македонија и Грција.

„Со потпишувањето на овој договор со Атина ќе разменуваме информации, искуства и добри практики и ќе негуваме соработка во разни области на работа и надлежности, како што се: градска администрација и управување со јавни услуги, урбан развој, урбана отпорност, заштита на животната средина и природата, културни и туристички активности, иновации, информатичка технологија и дигитализација и практики за граѓански ангажман. Воедно, заедно ќе соработуваме во рамките на мрежата Eurocities и ќе ги промовираме трговските контакти“, истакна Шилегов.

Тој нагласи дека граѓаните и на двата града се соочуваат со исти предизвици во секојдневното живеење, а продлабочувањето на нивната соработката и размената на искуствата ќе придонесат заедно да работат на изнаоѓање решенија за современите потреби на нивните сограѓани.

„Во таа насока, го вложуваме целиот наш потенцијал да создадеме подобри услови за живеење и да го подигнеме квалитетот на живот на граѓаните на Скопје и на Атина. Ова е историски ден за нашите градови. Го отвораме патот кон меѓусебно приближување. Имаме цел во интерес на нашите сограѓани заеднички да учествуваме во унапредувањето на иднината на градовите внатре во европското семејство. Имаме силна волја и капацитет да го зацврстиме нашето пријателство. Заедно можеме повеќе и заедно ќе стигнеме побрзо до нашата цел преку интензивна соработка да обезбедиме подобар живот за граѓаните на Скопје и Атина“, изјави Шилегов.

Во своето обраќање Шилегов потенцираше дека нашите градови и народи имаат повеќе историја што ги спојува отколку историја што ги разделува, па затоа и го избрале Музејот на современата уметност да биде местото на кое ќе го потпишат договорот. Исто така, додаде дека Музејот ќе ги потсети на нашата заедничка историја кога по земјотресот во Скопје, меѓу уметниците од целиот свет кои донирале свои дела и го наполниле овој музеј, биле и 34 грчки уметници кои донирале 46 уметнички дела, а нивните дела се дел од грчката колекција на МСУ што денеска ја разгледаа заедно со гостите од Атина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП