14 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТасева: Анѓушев ми се закани за објавите за „Фени“

Тасева: Анѓушев ми се закани за објавите за „Фени“

Вицепремиерот за економски прашања во Владата, Кочо Анѓушев, ` се заканил со тужба на Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнал – Македонија“, за објавите во кои го обвинува за оркестрирање на стечајот за „Фени“.  На приемот на британскиот амбасадор, пред сведоци, до неа се приближил вицепремиерот заедно со бодигардот и арогантно и агресивно ѝ се обратил.

„Дојде да се поздрави со зборовите ‘јас сум значи најголемиот криминалец меѓу криминалците, која си ти да го објавуваш моето име? Ќе те викнам на разговор да ти ја објаснам ситуацијата во ‘Фени’. Ќе одам до крај, ќе те тужам, знаеш ли кој сум јас? Јас сум најмладиот доктор на науки’“, објасни Тасева.

Таа инцидентот вели дека не го пријавила во полиција, ниту, пак, има намера да го пријави, но агресивното однесување на вицепремиерот го пријавила кај премиерот.

„Го пријавив кај неговиот работодавец, кај премерот Зоран Заев. Тој ми се извини во негово име. Рече дека бил вознемирен поради тоа што претставките по кои постапуваме доаѓаат од ‘Кунико’. Извинување од Анѓушев за однесувањето не добив“, вели Тасева.

„Кунико рисорсис„ е компанијата што го направи долгот од над 60 милиони евра во „Фени“ и на вработените не им исплаќаше плати.

Претседателката Тасева во средата поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена должност против стечајната судија и против стечајниот управник на „Фени“ оти нетранспарентно и незаконски го воделе стечајот за фабриката и најави дека канцелариите на „Транспареси“ од Скопје, Брисел и Берлин заеднички ќе работат на утврдување на влијанието на вицепремиерот Кочо Анѓушев врз стечајната постапка.

Сите наводи на Тасева вчера ги демантираа стечајната судијка, стечајниот управник, доверителите на „Фени“ и вицепремиерот Анѓушев. Сите тврдат дека стечајната постапка е законска, а вицепремиерот Анѓушев, пак, ја охрабри да навлезе подлабоко во истрагата и да ги истражи и причините кои довеле до стечајот.

Тасева утрово заканите ги објави на „Фејсбук“. Во објавата таа му одговара на вицепремиерот на барањето да ги истражи и причините кои довеле до стечај во „Фени“.

„Господа, криминалот и работењето пред стечајот нека го истражат и докажат институциите. Ние правиме мониторинг на тоа како се води стечајот денеска. А таму има проблем, стечајот не се води добро. И затоа има паника“, објави Тасева на „Фејсбук“.

Под нејзината објава, во коментар, закани од Анѓушев пријави и новинарот на ТВ 24 Владимир Тевчев, кој вели дека вицепремиерот го искарал за прилозите за „Фени“ на отворањето на автопатот Демир Капија – Смоквица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП