6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМерките од годинашната програма за вработување ќе може да ги користат социјални...

Мерките од годинашната програма за вработување ќе може да ги користат социјални претпријатија и граѓански организации

Денеска се одржа свечен настан на кој Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и УНДП (Програмата за развој на ОН) ја потпишаа Годишната програма за вработување. На настанот свое обраќање имаше и премиерот Зоран Заев.

Тој истакна дека Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика веќе го спроведуваат новиот оперативен план за 2018, со комбинирање на мерки и услуги, чија основна цел е да се поврзат капацитетите на невработените, со профилите кои се бараат од страна на бизнисот.

„Поддршката и помошта што ни доаѓаат од УНДП се многу значајни за Македонија и нашите граѓани. Оваа година УНДП ќе го поддржи спроведувањето на три мерки од Оперативниот план на активни мерки за вработување кои ќе имаат за цел да го помогнат претприемништвото, воспоставувањето локални партнерства и новиот модел на обуки за занимања и вештини кои ја зголемуваат вработливоста и создавањето квалитетни работни места“, рече Заев.

Како што истакна премиерот, социјалната и економската инклузија мора да се одвиваат паралелно со реализацијата на приоритетите на Владата за економски раст и развој, со креирање нови работни места и со зголемување на конкурентноста на пазарот на труд.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во своето обраќање зборуваше подетално за мерките и новитетите што Оперативниот план на активни мерки за вработување ги обезбедува.

„Тоа што е различно од претходните оперативни планови и што дава подобар ефект е тоа што мерките се прилагодени на потребите на работодавачите, на потребите и квалификациите на младите и ранливите групи и има можност за поврзување на мерките, што досега не беше случај. Значи имате можност да поминете обука, преквалификација или доквалификација и веднаш потоа да користите друга мерка што значи директно вработување. Дадовме можност мерките да ги користат и социјални претпријатија, но и граѓанските организации бидејќи знаеме дека голем број млади луѓе се неформално вработени во овие организации и сега имаме можност за нивна формализација. И ниту една од овие мерки не значи ослободување од придонеси за здравствено и социјално осигурување затоа што ние сме одговорна Влада, којашто се грижи за иднината на фондовите и за идните генерации“, потенцираше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Постојаната претставничка на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон, потврди дека продолжува партнерскиот однос на УНДП и на Владата на РМ во креирање работни места во приватниот сектор преку промоција на претприемништвото и развој на вештини според потребите на пазарот на трудот.

„Нашите напори во овој сегмент изминатата декада резултираа со отворање на околу 10.000 нови работни места. Благодарение на подготвеноста на актуелната Влада да адресира повеќе ресурси во борбата против невработеноста и да го отвори пазарот на трудот, за оваа 2018 година поставивме уште по амбициозни цели“, рече Винтон.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, информираше за степенот на реализација на мерките од оперативниот план за вработување и информираше дека забележителен е голем интерес за мерките и додаде дека во соработка со Владата на Република Македонија, доколку има потреба, ќе се обезбедат и дополнителни средства за да се зголеми опфатот на невработени лица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП