8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНатпревар во бизнис-идеи на стартап-фирми на Дигиталниот самит во Скопје

Натпревар во бизнис-идеи на стартап-фирми на Дигиталниот самит во Скопје

Десет стартап-компании од шест држави од регионот ги претставија своите бизнис-идеи на „Натпреварот за убедување“, што се одржува денеска на Саемот на ИТ-фирми во рамките на Дигиталниот самит за Западен Балкан во Скопје.

– Настанот е за поддршка на регионалните стартап-екосистеми – изјави Весна Ивановска, член на жири-комисијата и генерален менаџер на Едукативниот центар на „Сеавус“, организатор на активноста која е заедничка иницијатива на Германската развојна соработка и македонското Министерство за информатичко општество и администрација.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, исто така член на жири-комисијата, изјави дека во владината програма и во планот за економски раст е посветен посебен дел за малите и средните претпријатија, а особено за поддршка на стартап-компаниите.

– Македонската економија во иднина треба да се базира на иновативни проекти од младите едуцирани луѓе. Ги охрабрувам сите што имаат такви идеи да настапат храбро бидејќи како никогаш досега Владата ќе биде поддржувачки настроена кон нивните идеи. Тоа ќе го манифестираме преку финансирање со т.н. трет столб мерки за економскиот раст на Македонија – изјави Анѓушев.

Експо-делот на Самитот продолжува со инфо-сесија, на која ќе биде презентиран нов јавен повик за изработка на софтверска програма „ПристАПП транспорт“ преку која во иднина ќе се врши распределбата на лиценците и дозволите во домашниот и меѓународниот патен транспорт. Повикот го реализира Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за транспорт и врски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП