26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиколовски оствари состанок со винарските визби со цел да се испланира откупот...

Николовски оствари состанок со винарските визби со цел да се испланира откупот на грозје

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Љупчо Николовски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, денеска одржаа работен состанок со винарските визби.

Како што информираат од министерството, овој состанок за првпат се одржува на три месеци пред почетокот на бербата на грозјето, со цел навреме да се планира годинешниот откуп на грозје.

Николовски посочил дека обврска на МЗШВ е да создава услови за непречен откуп и стабилни откупни цени, поволен амбиент и за винарниците и за лозарите, а тоа ќе се постигне само преку навремени и редовни средби со винарниците и лозарите. Притоа, тој истакнал дека ваков тип на состанок ќе се организира и со лозарите.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, дава целосна поддршка на оваа извозно ориентирана гранка. Овие средби ги започнуваме на три месеци пред почеток на бербата. На состанокот со винарските визби разговаравме и за делот на измени на законските регулативи, односно потребата од носење на нов Закон за вино, потребата од измени во законот, се со цел постигнување на сигурен пласман, стабилни цени и на квалитетно и конкурентно производство. Како Влада сме фокусирани на создавање на цврсто договорно производство и на сигурен пласман, повисоки откупни цени и поконкурентни производи, и затоа ги започнуваме овие состаноци сега порано и навреме. Продолжуваме со ваков тип на состаноци и со лозарите, да ги слушнеме и нивните предлози и во следниот период да можеме да креираме ефикасни политики и мерки за оваа гранка“, посочил Николовски.

Тој потенцирал дека пред почетокот на новата производствена реколта, се исплатени над 600 милиони денари субвенции за одржување на лозови насади за лозарите и за винарниците кои имаат сопствени насади. Од винарските визби посочиле дека се важни ваквите навремени состаноци со цел навреме да се разговара за сите отворени прашања и предлози и да се направи долгорочна стратегија за развој на лозарството и винарството.

Одговарајќи на новинарско прашање за долговите што одредени винарски визби ги имаат кон лозарите, Николовски изјавил дека министерството внимателно е насочено кон водење на разговори со винарската „Повардарие“ и дека долгот кон лозарите мора да се исплати.

„Долгот на Повардарие изнесуваше 3,5 милиони евра, а сега е 650 илјади евра. Во однос на винарската визба Стефанс винери отворена e предстечајна постапка, МВР и Интерпол водат истрага, а лозарите како најголеми доверители ќе бидат први исплатени“, рекол Николовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП