Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, вчера во Белград оствари средба со Зорана Михајловиќ, потпретседател на српската влада и министерка за градежништво, инфраструктура и сообраќај, на која разговараа за клучните инфраструктурни проекти што ги поврзуваат двете земји.
Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот бил постигнат договор за олеснување на сите постапки за пренос на стока и патници на граничните премини.
„Ценам дека постигнавме договор, прв во регионот, за олеснување на сите постапки за пренос на стока и патници на граничните премини. Главно, важно е да кажам дека најдовме разбирање во рамките на нашата соработка да воспоставиме една царинска подружница во Табановце, на железничкиот премин помеѓу Македонија и Србија. Таквата станица да ја финансираме заеднички и притоа побараме средства од фондот за инвестиции од Западен Балкан, за што е веќе разговарано. Се договоривме таквите проекти да ги започнеме што е можно побргу во интересот на граѓаните на двете држави. Мислиме дека во 2019 година можеме да почнеме со градење“, изјави вицепремиерот Анѓушев по средбата.
Двете страни се сложија дека преку регионална соработка полесно ќе се реализираат проекти значајни за двете земји.
„Морам да ви кажам дека со заменик-премиерот на Македонија навистина бргу се договоривме и се обидовме некои заеднички проекти да ги забрзаме. Конкретно, зборувам за заедничкиот граничен премин Табановце, кој е важен и за Македонија, а и за Србија. Ние сакаме да почнеме да го градиме што побргу. Се завршува проектот и целосната техничка документација, дел е веќе готов и се договоривме со оглед на тоа дека овој проект ќе го реализираме со Европската Унија, без оглед што плановите се почетокот на изградбата да биде во 2020 година, да се обидеме заеднички тој и јас да го координираме тоа и да почне да се гради веќе во 2019 година“, посочи Михајловиќ.
Попладнево вицепремиерот за економски прашања, Анѓушев, и министерот за транспорт и врски, Сугарески, учествуваа на состанок со бизнисмените од Стопанската комора на Србија, каде што им беа претставени планот за економски раст и можностите што им ги нуди Македонија на инвеститорите.