25 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрад Скопје ги намали субвенциите за велосипеди

Град Скопје ги намали субвенциите за велосипеди

Скопјани и оваа година ќе добијат субвенции за набавка на велосипеди. Советот на Град Скопје одлучи максималниот износ за одделна субвенција за купување велосипед за лице да биде 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари, со вклучен персонален данок на доход, за разлика од 4.000 денари колку што изнесуваше субвенцијата минатата година.

Новитет во јавниот повик за набавка на велосипеди за 2018 година, што е во фаза на подготовка, е тоа што оваа година Град Скопје ќе субвенционира набавка на рачни велосипеди (велосипед на рачен погон), како и рачни велосипеди со електрични помагала за лица со посебни потреби.

Град Скопје ќе субвенционира 50 отсто од вредноста на рачниот велосипед и рачниот велосипед со електрично помагало за лица со посебни потреби, но не повеќе од 90.000 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход.

Град Скопје годинава ќе издвои 10 милиони денари за субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди, од кои 9 милиони денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на велосипеди, а 1 милион денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на рачни велосипеди или рачни велосипеди со електрично помагало за лица со посебни потреби.

„Ова е една од мерките на Град Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: тоа е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух“, велат од Град Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП