2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДо август ќе има семафор на Стража

До август ќе има семафор на Стража

Сообраќајот на планинскиот превој Стража ќе се регулира со семафор до почетокот на август. До тогаш Јавното претпријатие за државни патишта очекува да заврши зајакнувањето на петте моста, градежни активности поради кои се поставени семафорите. Директорот на Јавното претпријатие Зоран Китанов вели дека паралелно со зајакнување на мостовите се работи на рехабилитација на коловозот.

„Неблагодарно е да се каже, но очекуваме до почетокот на август да има семафор на овој патен правец оти така налагаат безбедносните правила. Сега се работи на вториот мост од вкупно петте кои треба да се зајакнат, едниот е целосно завршен. Семафорите остануваат оти како ќе се заврши еден мост тие се селат на друг. На овој патен правец се работи со полн капацитет, се работат и мостовите и рехабилитација на коловозот. Со мостовите очекуваме да се заврши до август, а целосната рехабилитација на коловозот, вклучително и обнова на сигнализацијата очекуваме да заврши со крајот на градежната сезона, односно октомври – ноември“, вели директорот Китанов.

Оние кои минуваа преку Стража изминатиот продолжен викенд се пожалија дека колоната кај семафорот била долга околу пет километри и со часови го минувале планинскиот превој. Сведок за долгиот застој на Стража е ѓубрето. Патот од двете страни е буквално посипан со отпадоци, а овој пат кажа дека имало и глутница кучиња.

Директорот на Јавното претпријатие „Македонијапат“ Гајур Кадриу најави дека иако не е негова надлежност, и овојпат ќе испрати екипа да го собере отпадот.

„Таму никој не може да исчисти колку што луѓето валкаат. Ќе пратам и сега екипа да исчисти уште овојпат, но треба да се најде трајно решение за хигиената таму. Не е наша обврска да чистиме таму, има градежни активности има инвеститор, а има и локална самоуправа. Апелирам луѓето да внимаваат повеќе и да фрлаат отпадоци оти во крајна линија тоа е и казниво. Никаде во светот ѓубре не се фрла од прозорец“, рече директорот Кадриу.

Тој се пожали дека има недостаток од патари, а токму нив ги праќа да го соберат отпадот. Се уште не добил одобрение од Влада за нови вработувања, а со почетокот на градежната сезона насекаде работат на крпење дупки и тековно одржување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП