6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаботниците со ниски примања можат да аплицираат за користење годишен одмор

Работниците со ниски примања можат да аплицираат за користење годишен одмор

Работниците со ниски примања веќе можат да аплицираат за мерката за користење годишен одмор на Министерството за економија. Јавниот повик беше распишан на 2 април, а пријавувањето за оваа мерка заедно со комплетната потребна документација е до 31 мај, иако принципот на користење на средствата е „прв дојден прв услужен“, до искористување на вкупниот буџет од 30 милиони денари, со кои ќе бидат субвенционирани 2000 семејства.

Право на учество на јавниот повик имаат сите физички лица кои се вработени, а нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето-приходот од 22.000 денари. На работниците со ниски приходи -баратели кои навремено доставиле уредна и комплетна документација Министерството за економија ќе им издава потврда во вкупна вредност од 15.000 денари за да ја искористат во категоризираните угостителски објекти за сместување во Република Македонија кои се претходно пријавени во Министерството за економија.

· Пополнет образец за барање (готов формулар кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страната на министерството: www.economy.gov.mk);

· Потврда од работодавецот за висината на исплатена плата и извод од банка за последните три (3) месеци за подносителот и на членовите на потесното семејство (доколку се вработени) кои заедно со него ќе го користат одморот;

· Потврда од Агенцијата за вработување на Република Македонија со која се докажува дека членовите на потесното семејство не се вработени (доколку истите не се вработени);

· Фотокопија од лична карта или патна исправа за него и членовите на потесното семејство кои заедно со него ќе го користат одморот;

· Изјава дека барателот лично или со членовите на потесното семејство, кои се наведени во барањето, ќе го користат одморот (готов формулар);

· Изјава дека барателот морално, материјално и кривично одговара за внесените податоци (личните податоци и финансиските средства), потпишана од подносителот на барањетo (заверена на нотар).

Целта на оваа мерка е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона. Притоа, едно лице може да поднесе само едно барање за пријавување интерес за користење средства за организиран одмор, а потврдата ќе може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2018 година во некој од угостителските објекти од листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб-страницата на Министерство за економија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП