1 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинистерството за одбрана преку јавен повик доделува грантови за здруженија на граѓани...

Министерството за одбрана преку јавен повик доделува грантови за здруженија на граѓани и фондации

Министерството за одбрана (МО) првпат објавува јавен повик за распределба на средства за финансиска поддршка на проекти на здруженија на граѓани и фондации. Средствата во висина од три милиони денари се одобрени во буџетот на Министерството за 2018 година и ќе се користат за финансиска поддршка на проекти што имаат за цел афирмација на процеси и вредности од важност за државата и за Министерството.

Тоа, како што информираат од МО, се евроатланските интеграции на Република Македонија, популаризација на службата во АРМ, зголемување на транспарентноста во одбраната, како и придонеси во креирањето на одбранбената политика и реформите во одбраната, и значењето и улогата на родовите перспективи во оваа сфера.

Право на учество имаат здруженија на граѓани и фондации во Република Македонија кои ги исполнуваат условите наведени во јавниот повик.

– Распределбата на средства ќе се спроведува согласно добрата практика за обезбедување финансиски средства утврдена во Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации. Изборот на корисници ќе се изврши врз основа на критериуми од Кодексот за добри практики за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации, како и врз база на посебни критериуми за бодирање на предложени проекти, велат од МО.

Доделувањето на такви средства, додаваат, во изминатите години се вршеше преку директни средби и договори, и сегашниот јавен повик е прв од таков вид кој овозможува транспаретност во распределбата на средствата, како и еднакви шанси за сите заинтересирани корисници кои ги исполнуваат пропишаните услови.

– Овој јавен повик е уште една потврда за транспарентното работење на Министерството за одбрана во областите каде треба да биде вклучена јавноста и каде треба да се води сметка за јавниот интерес, како што е користење на буџетски средства за афирмација на проекти и вредности од важност за државата и за Министерството. Ги повикуваме сите здруженија на граѓани и фондации кои ги исполнуваат условите од јавниот повик, најдоцна до 30 април да пријават свои проекти и идеи, со што ќе се вклучат во процесите за подигнување на стандардите во нашето општество, потенцираат од МО.

Барањето и Образецот за пријавување се објавени на веб страницата на Министерството за одбрана www.morm.gov.mk.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП