13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовик до компаниите да учествуваат во тендери за изградба на патна инфраструктура...

Повик до компаниите да учествуваат во тендери за изградба на патна инфраструктура вредни 270 милиони евра

Во организација на Стопанска комора на Македонија денеска се одржа македонско-словенечки бизнис форум на кој почесни гости беа премиерите на Република Македонија и Република Словенија, Зоран Заев и Миро Церар.

Пред присутните деловни луѓе од двете земји се обратија и претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески и генералната директорка на Стопанска комора на Словенија, Соња Шмуц. Во своите обраќања премиерите на двете земји изразија силни уверувања дека економската соработка и традиционалното долгогодишно пријателство помеѓу двете земји ќе се унапредува.

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање пред деловните луѓе од двете земји истакна дека пријателството меѓу Македонија и Словенија освен политичко е и деловно и граѓанско. „Доаѓа време кога треба да го фатиме зенитот на тоа пријателство и да ги искористиме традиционалните врски на соработка кои може да донесат бенефит и за двете земји“, порача Заев.

Тој ги повика стопанствениците да ја унапредуваат меѓусебната соработката и да бидат дел од развојот на економските и политичките односи меѓу двете земји. Тој сподели лични искуства на соработка со словенечки фирми во периодот кога бил дел од приватниот сектор и оцени дека инвестиционата и економската соработката меѓу компании од двете земји е долгогодишна и традиционална. „Верувам дека трговската размена меѓу двете земји може да биде многу поголема. Расте секоја година од 10 до 15 проценти, се подобрува и нашиот извоз кон Словенија но верувам дека постојат многу сериозни потенцијали. Ќе ја искористам приликата дека сум горд и на инвестицијата на Алкалоид и на инвестицијата на ИГМ во Словенија“, истакна Заев.

Премиерот Заев ги повика словенечките и македонските компании да конкурираат на тендери од преку 270 милиони евра за изградба на патна инфраструктура за оваа година и да учествуваат во инвестиции во енергетскиот сектор. Тој информираше дека се водат разговори помеѓу двете влади за развој на механизам кој ќе значи развојна компонента на Словенија во Македонија, се работи за грант од 25 милиони евра и кредити од словенечките банки за проекти од екологијата и инфраструктурата, механизам кој ќе се доработи на ниво на влади, а ќе се однесува пред се за словенечките компании и за македонските компании кои традиционално соработуваат со словенечки компании.

„Јас сум убеден дека ќе го зголемиме извозот на Република Македонија кон Словенија, но и на Словенија кон Македонија. Трговската размена може само да расте и убеден сум дека голем дел од вашите компании може да остварат сериозен профит овде во Македонија работејќи на сите отворени перспективи и проекти“, им порача премиерот на присутните стопанственици во рамки на македонско – словенечкиот бизнис форум во организација на Стопанска комора на Македонија.

„Важно е пријателството помеѓу Македонија и Словенија да го градиме секојдневно преку политички и деловни односи, соработка во областа на економијата, преку културата, науката и сите други области во кои соработуваме и уште поинтензивно ќе соработуваме како две пријателски држави“, истакна словенечкиот премиер Церар. Тој порача дека радува фактот што Република Македонија го избра патот на евро атлантски интеграции, за што оцени дека претставува гаранција за долгорочна економска и политичка стабилност на земјата. За економска стабилност на земјите премиерот Церар рече дека е важно Владите да обезбедат политичка стабилност, посебно земјите од Западен Балкан. Во однос на понатамошно интензивирање на економската соработка премиерот Церар рече дека постојат потенцијали во повеќе области како што се енергетиката, прехранбената индустрија, туризмот, инфраструктурата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП