16 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОсмани: За помалку од еден час ќе се патува од Скопје до...

Османи: За помалку од еден час ќе се патува од Скопје до Приштина

Изградбата на патниот правец Скопје-Блаце беше тема на разговор на првиот министерски состанок што се одржа во просториите на Секретаријатот за европски прашања. Со состанокот претседаваше вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој со владина одлука е назначен за координатор на министерската група за овој проект.

Како што информират од неговиот кабинет, Османи на средбата истакнал дека проектот е особено значаен во насока на регионално поврзување на Република Македонија, што претставува и еден од носечките столбови на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан. Тој воедно додал и дека изградбата на патниот правец Скопје-Блаце е еден од најзначајните проекти за поврзување со Република Косово, што претставува еден од најзначајните економски и трговски партнери на Република Македонија.

„Проектот Скопје-Блаце е комплексен проект со кој се предвидува изградба на патна инфраструктура по сложен терен на кој е предвидена изградба на неколку тунели и мостови, акведукти и други придружни елементи. Со изградбата на овој автопат и негово поврзување со автопатот Приштина-Блаце, чија изградба е во тек, временското поврзување меѓу Скопје и Приштина ќе се намали од над два часа на помалку од еден час“, рекол вицепремиерот на состанокот.

На средбата биле усвоени повеќе заклучоци, меѓу кои и за итноста на реализацијата на средствата обезбедени од ИПА-инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан“, со кој се одобрени и обезбедени 1.300.000 евра во насока на подготовка на неопходната документација за проектирање.

Поради стратешката важност на проектот и неговата комплексност, Владата формира министерска работна група, во која, покрај вицепремиерот Бујар Османи како претседавач, членуваат и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, министерот за економија, Крешник Бектеши, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, и директорот на Јавното претпријатие „Македонијапат“, Гајур Кадрију. Покрај министерската, формирана е и техничка работна група, во која членуваат технички лица и експерти од соодветните ресори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП