27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрад Скопје воспостави официјална соработка со неформалните собирачи на отпад

Град Скопје воспостави официјална соработка со неформалните собирачи на отпад

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, денеска го потпиша Меморандумот за соработка со неформалните собирачи на отпад.

Како што информираат од Градот, целта на овој Меморандум е унапредување на соработката во управувањето со отпадот, како и вклучување на неформалните собирачи во формалниот систем за собирање и управување со отпадот во Скопје.

„Со овој Меморандум се обврзуваме дека заеднички ќе дејствуваме и соработуваме во интерес на подобрено управување со отпадот, унапредување на центрите за собирање, селектирање и складирање на отпадот на ниво на Град Скопје. Дополнително, со ова ќе се постигне формализирање на неформалните собирачи на отпад и нивно вработување, во организираниот систем за управување со отпад“, изјавил градоначалникот Шилегов.

Главниот инструмент за соработка што произлегува од овој меморандум за реализирање на неговите цели е формирањето работна група.

„Работната група ќе изготвува предлози за подобрено работење на собирните центри, начини и методи за вклучување на неформалните собирачи на отпад, унапредување на пазарниот механизам и вработување на собирачите на отпад. За успешно функционирање на работната група, потписниците на овој Меморандум ќе номинираат по еден претставник од својата институција. Министерството за животна средина и просторно планирање ќе има советодавна улога и ќе има свој претставник во работната група“, нагласил Шилегов.

Покрај скопскиот градоначалник, меморандумот го потпишале и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, претседателот на Асоцијација за управување со посебни текови на отпад, Филип Ивановски, претседателот на здружението „Ромски Бизнис Информативен центар во Македонија“, Зоран Димов и преставник на здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“, Благица Сековска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП