3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурската економија пораснала за 7,4 проценти

Турската економија пораснала за 7,4 проценти

Економијата на Турција пораснала по стапка од 7,4 проценти во 2017 година, поттикната од силната приватна и државна потрошувачка.

Бруто домашниот производ (БДП) на Турција во четвртиот квартал порасна за 7,3 проценти, со што е надмината просечната прогноза на економистите кои учествуваа во анкетата на Блумберг од 6,7 проценти, соопшти турската служба за статистика Туркстат.

Според десезонираните податоци, БДП пораснал за 1,8 проценти во однос на претходните три месеци, со што исто така е надмината проекцијата на економистите од 1,2 проценти.

Турскиот економски раст се искачи откако владата во Анкара ја зголеми потрошувачката во настојување да и даде поттик на економијата по неуспешниот обид за воен пуч во 2016 година.

Закрепнувањето во Европа, најголемиот трговски партнер на Турција, придонесе за скок на турскиот извоз и помогна целогодишниот економски раст да ја надмине целта на владата од 5,5 проценти.

ММФ, сепак, предупреди минатиот месец на можноста од зголемување на турскиот дефицит од тековните плаќања поради силната домашна потрошувачка и повисоките цени на нафтата во оваа година.

Потрошувачката на турските домаќинства пораснала за 6,6 проценти во четвртиот квартал на годишно ниво, додека јавната потрошувачка пораснала за 7,4 проценти во истиот период.

Извозот на стока и услуги во тој период порасна за 9,3 проценти на годишно ниво, а увозот за 22,7 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП