12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААмериканските такси може да ги „скараат“ Германија и Франција

Американските такси може да ги „скараат“ Германија и Франција

Германија е подготвена да и предложи на САД трговски отстапки за да може на тој начин да се спречи воведувањето на царина за европскиот увоз на алуминиум и челик, изложувајќи ги разликите со Франција во однос на методите за избегнување на трговска војна, соопштува „Bloomberg“.

Според извор на агенцијата властите во Берлин се подготвени да разговараат со Европската унија за секакви варијанти за спротивставување на САД поради заканата од нови давачки. Сепак, овој флексибилен пристап за заштита на германската индустрија ризикува да доведе до неодобрување од другите европски земји, вклучувајќи ја и Франција. Според државен функционер во Париз, земјата не се согласува со блокот да направи отстапки за Вашингтон.

Иако остануваат малку повеќе од четири недели пред мораториум на американските царини врз челикот и алуминиумот да истече, ЕУ веќе се обидува да воспостави заеднички пристап во однос на активностите на американската администрација.

Германија го поддржува секој договор во рамките на блокот, кој вклучува нови правила за царина за серија производи, меѓу кои автомобилите, техниката, намирниците и лековите, посочува еден од изворите на „Bloomberg“. Оваа позиција сепак не се дели од страна на властите во Париз кои сакаат наместо тоа фокусот да се насочи кон вршење притисок врз Кина за прашања како обезбедување на субвенции и присуство на прекумерна продуктивност во челичната индустрија, посочуваат уште запознаените извори.

Владата на канцеларката Ангела Меркел веќе го истражува расположението меѓу германската автомобилска индустрија за тоа дали го поддржува евентуално намалување на европските царини врз автомобилите кои се во износ од 10%, соопшти германскиот „Sueddeutsche Zeitung“. Според извори од весникот, бизнисот позитивно реагираше на идејата.

„Дијалогот со САД треба да продолжи на највисоко политичко ниво“, се вели во соопштението на германската асоцијација за автомобилска индустрија.

„Поддржуваме отпорни и сигурни договори кои се компатибилни со Светската трговска организација (СТО)“, велат уште од организацијата, додавајќи дека за фер и слободна трговија е потребно да се отстранат трговските бариери и да се договори нова рамка.

Германскиот министер за економија Петер Алтмајер, кој се состана минатата недела со американскиот министер за трговија Вилбур Рос, за новинарите изјави дека не давал предлози на САД, за да го гарантира мораториумот. Подоцна, тој негираше и понуди пониски давачки за увозот на автомобили.

Просечните увозни давачки на ЕУ за увезената стока изнесуваат околу 3%, а оние во САД – 2,4%, според податоците на „СТО“. И додека американскиот претседател Доналд Трамп преферира склучување на билатерални договори, Ангела Меркел инсистира на заеднички пристап во однос на земјите од ЕУ врз основа на правилата на „СТО“, кои не дозволуваат намалување на царините за одделни земји и производи.

Во рамките на овие одредби членовите на организацијата можат да понудат попреференцијален пазарен пристап од стандардите на „СТО“ додека договорите да ја покриваат во суштина целата трговија меѓу учесниците во трансакцијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП