6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев – Кнајсл: Има интерес за нови инвестиции во Македонија кај австриската...

Заев – Кнајсл: Има интерес за нови инвестиции во Македонија кај австриската бизнис-заедница

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, денеска се сретна со Карин Кнајсл, сојузната министерка за Европа, интеграции и надворешни работи на Република Австрија, придружувана од Ренате Колбер, амбасадорка на Република Австрија во Република Македонија.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата биле потенцирани добрите релации помеѓу двете држави на политички и на економски план и било изразено заедничко уверување дека е отворен простор за продлабочување на билатералната соработката во сите области.

Австриската министерка Кнајсл пренела дека се забележани промените во државава во насока на надминување на финансиските ризици и создавањето услови за фискална предвидливост, по политичката криза минатата година и дека постои мотив кај бизнис-заедницата во Австрија за нови инвестиции и отворање нови работни места во Македонија.

Воедно министерката Кнајсл рекла дека нејзината држава ги поддржува интеграциите на Република Македонија и на Западен Балкан во ЕУ и дека фокусот на претстојното австриско претседателство ќе биде кон исчекори на државите од регионот на овој пат. Нагласено било дека Австрија гледа на Западен Балкан како на дел од Европа и дека во таа насока важно е поврзувањето меѓу државите и реформите што ги прават.

„Република Македонија отвори ефективен и ефикасен реформски процес за да го подобри квалитетот на живот на граѓаните применувајќи ги европските вредности и добрососедски политики, што го покажуваат постигнатиот Договор со Бугарија и разговорите што се водат на достоинствено ниво со Грција. Македонија и сите шест држави од Западен Балкан се посветени на меѓусебното поврзување и на пријателско решавање на билатералните прашања. Секоја од државите ја заслужува својата шанса на евроинтегративниот пат“, истакнал на средбата премиерот Заев.

На состанокот била нагласена добрата соработка меѓу полициските претставници, посебно на границата, за надминување на предизвиците од мигрантската криза.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП