5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајголемата крипто-берза во светот отвора канцеларија во ЕУ

Најголемата крипто-берза во светот отвора канцеларија во ЕУ

„Binance“, најголемата светска берза за тргување со криптовалути, најде нов партнер за пробив во Европската унија.

Компанијата, основана пред една година во Хонг Конг, планира да отвори канцеларија во Малта, посочи основачот и извршен директор на „Binance“, Жао Чангпенг во интервју, цитирано од „Bloomberg“.

Според зборовите на Жао Чангпенг во островската држава, која покрај сето друго е и оф-шор зона, наскоро ќе биде отворена и берза за криптовалути која ќе прифаќа и депозити. „Binance“ е блиску до преговарање за партнерство со локалните банки за да им обезбеди на потрошувачите канал за инвестирање во криптовалути директно преку официјалната валута. Жао, сепак, не открива кога ова ќе стане реалност.

„Ние сме убедени дека наскоро ќе можеме да го објавиме партнерство со банките“, рече тој. „Малта е многу прогресивна кога станува збор за криптовалути и „фајнтеч““, додава милијардерот.

Регулаторите од целиот свет – од Кина до САД – почнаа да ја заоструваат политиката околу разменувањата на криптовалутите. Значи наоѓање на место за отворање постојана канцеларија станува доста тешко за крипто-бизнисите, како „Binance“.

Компанијата има канцеларија во Јапонија, каде што се обидува да добие дозвола за локални операции, но на крајот одлучи да го премести својот персонал за да избегне судири со властите. За возврат, јапонскиот регулатор го предупредил Жао дека неговата берза незаконски работи со јапонските потрошувачи.

Жао рече дека има сериозна дискусија со властите во Хонг Конг, но засега нема официјални информации за акцијата против „Binance“ на овој пазар.

Компанијата сепак е меѓу седумте крипто-берзи, кои добиле предупредувачко писмо од локалниот берзански регулатор да не тргуваат со дигитални средства, бидејќи, според законите во Хонг Конг, тие спаѓаат под дефиницијата на хартиите од вредност, вели неименуван извор на „Bloomberg“.

Фактот дека „Binance“ може да се пресели во Малта не е особено чудно, бидејќи малата островска држава прави напори да се позиционира како центар за крипто-бизнисот.

Локалната самоуправа одржа неколку јавни консултации за можна регулација на виртуелната валута, процедурите за предлагање на дигитални активи и онлајн берзите за трговија.

Предвидено е новоформираниот „Орган за дигитални иновации“ да ги потврдува и регулира „блокчејн“ компаниите во земјата, пренесува весникот „Malta Independent“.

„Добредојдовте во Малта „Binance““, објави премиерот на „Твитер“, Џозеф Мускат. „Наша цел е да бидеме меѓународен иноватор во регулација на „блокчејн“ бизнисот“, додава тој.

Жао наведува дека добил покана од владата на Малта да ја разгледа идната регулација во земјата, која ќе биде поддршка на крипто-бизнисот.

„Binance“ е најголемата берза во светот за трговија со криптовалути според обемот на трансакции. Во последните 24 часа на берзата на Жао се реализираа зделки во вредност од над 1,7 милијарди долари, според „CoinMarketCap“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП