26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРекорден број локации ќе бидат во мрак како дел од „Часот на...

Рекорден број локации ќе бидат во мрак како дел од „Часот на планетата Земја“

Деветта година по ред Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, кога во 20:30 часот по локално време во период од еден час во мрак ќе потонат над 180 земји и 7000 града ширум светот.

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, заеднички да ги промениме климатските промени, но и да ги освестиме луѓето за проблемот поврзан со намалување на биодиверзитетот.

„Додека глобалната биолошка разновидност се намалува со невидена стапка, Часот на планетата Земја оваа година ќе ги фокусира своите напори да поттикне поддршка за акција за биодиверзитетот и природата под мотото „Поврзи се со планетата“, односно #Connect2Earth“, вели Ѓорги Селков, од канцеларијата на Часот на планетата Земја во Македонија.

Организаторот за годинава најави повеќе активности под мотото „Поврзи се со планетата“. Една од тие е дневниот настан кој ќе се одржува на 24 март насловен „Дрвца за планетата Земја“ преку кој ќе бидат засадени илјадници дрва во речиси сите локации кои истата вечер ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја. Освен во централното градско подрачје, илјадници дрва ќе бидат засадени и во Куманово, Велес и Радовиш. Годинава рекорден број локации ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја, односно преку 80 локации потврдени низ целата република.

Во централното градско подрачје, со поддршка од Град Скопје, во мрак ќе потонат Плоштад Македонија со спомениците, Порта Македонија, Улица Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, Колонада, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, плоштадот Мајка Тереза и Филип Втори, Мостот „Око“ и Мостот на уметноста.

Свое учество најавија и скопските општини Аеродром, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба и Центар, но и трговските центри Капитол мол и Скопје сити мол. Во Охрид, пак, во мрак ќе потонат црквата Свети Јован Канео и Самуиловите тврдини, а ќе се исклучат и голем број локации во Струмица, Крушево, Битола, Ресен, Ранковце, Демир Хисар, Берово, Крива Паланка, Гостивар. Централниот настан и оваа година ќе биде на плоштад Македонија, каде што заедно со волонтерите на Црвениот крст, инаку наши редовни партнери, ќе биде испишано логото на акцијата 60+ со петстотини свеќи.

Во еколошкиот мрак, поддржано од ЕВН Македонија, ќе има и акустичен концерт на нашата млада позната пејачка Теа Трајковска, а присутните посетители ќе имаат можност да добијат флуоросцентна алка и флуоросцентен цртеж на своето лице и да ни се приклучат во одбележувањето на Часот на планетата Земја.

Инаку, со помош на Црвениот крст и нивните 33 канцеларии низ целата република и градот Скопје ќе бидат организирани одбележувања и манифестации во сите општини и локации кои годинава потонуваат во мрак за Часот на планетата Земја.

„ Во Прилеп освен што ќе се садат дрва и ќе се исклучат светилките, ќе биде организиран и ноќен маратон на 5 километри, а во Пехчево во мрак ќе потоне единствената адреналинска патека во Македонија“, изјави Софија Стојановска, претставник на Црвен крст на Република Македонија.

Своја поддршка кон акцијата најавија Македонски телеком, кои ќе ја исклучат административната зграда во центарот на Скопје, како и цементарницата Усје, која ќе ги исклучи светилките и сите мелници за цемент во својата фабрика.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП