19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинистерот Ќахил ги запозна Турците со можностите за инвестирање во Македонија

Министерот Ќахил ги запозна Турците со можностите за инвестирање во Македонија

Министерот задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил вчера ја заврши тридневна работна посета на Република Турција каде оствари средби и состаноци со турската бизнис заедница.

Во првиот ден од посетата, Ќахил го посети градот Карабук, водечки град на тешката индустрија на железо и челик, каде оствари средби со гувернерот Кемал Чебер и градоначалникот Рафет Вергили, по што се упати на состанок со раководството на Трговско – Индустриската Комора Карабук каде ги презентираше мерките од планот за економски раст и упати покана до турските бизнисмени за инвестирање во Република Македонија. По состанокот, делегацијата предводена од Министерот Ќахил се упати до првата и најголемата фабрика за железо и челик Кардемир, потоа во индустриската зона посети уште 4 фабрики кои работат во слични области.

„Точно е дека Република Македонија и Република Турција имаат одлични политички односи, но истите се недоволно рефлектирани кога станува збор за економските односи. Во тек се интензивни средби помеѓу претставници од двете страни, со цел овозможување поголем обем на економска размена и интензивирање на постоечката соработка. Тука сум за да ги претставам мерките од планот за економски раст и да ги охрабрам турските инвеститори да дојдат во Македонија. Често се поставува прашањето во кои сектори Македонија има потреба од производство на кое јас секогаш го кажувам истото: Република Македонија нема потреба од ништо и има потреба од се. Нашата држава има прекрасна географска местоположба и договори за слободна трговија со повеќе држави, затоа пренасочете го вашето производство и искористете ја можноста за извоз кон поширокиот пазар. Владата на Република Македонија нема потреба да се меша во економскиот избор, но има должност да обезбеди услови за истата“, рече Кахил.

Министерот го посети и Иновацискиот Центар на Бартин, по што оствари средби со гувернерот и градоначалникот. На последниот ден од посетата, Министерот се сретна со членките на Независната асоцијација на индустријалци и бизнисмени (МУСИАД) во Кастамону. Ќахил беше дел од свечената прослава по повод празникот Невруз – првиот ден на пролетта, која се одржа во Кастамону, градот кој оваа година беше прогласен за главен град на културата на турскиот свет. На централната прослава покрај Премиерот на Република Турција Бинали Јилдирим, со кој Министерот Ќахил оствари средба, присуствуваа и високи функционери, делегати и дипломати од различни држави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП