19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗголемен надоместокот на судиите поротници

Зголемен надоместокот на судиите поротници

Судиите поротници го добија бараното покачување на надоместокот за одлучување и превоз до судот. Во „Службен весник“ е објавен „Правилникот за надоместоците на судиите поротници“ на Министерството за правда. Наместо досегашните суми кои важеа од 2010 година, со одлуката, тој износ ќе биде двојно повисок.

Надоместоците опфаќаат надоместок за вршење на работите на судија поротник и трошоци за превоз до и од судот. Надоместокот за судија поротник во апелационите судови изнесува 600 денари за секој работен ден кога учествувал на судење, исто толкав износ ќе добијат и поротниците кои ќе одлучуваат во Специјализираното судско одделение надлежно за судење дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија во Основниот суд Скопје 1. За судија поротник во основните судови со проширена надлежност износот е 500 денари за секој работен ден кога учествувал на судење, а за судија поротник во основните судови со основна надлежност е 300 денари.

Надоместокот на трошоците за превоз до и од судот се исплатува во висина 70 денари за еден работен ден, доколку судијата поротник има живеалиште кое е оддалечено од судската зграда повеќе од 2,5 км. Овие надоместоци се исплаќаат најдоцна до 15 во тековниот месец за претходниот месец.

Според Кривичниот закон, во прв степен судовите судат во совети составени од двајца судии и тројца судии – поротници за кривични дела за кои со закон е пропишана казна затвор во траење од 15 години или казна доживотен затвор, а во совети составени од еден судија и двајца судии поротници за кривични дела за кои со закон е пропишана поблага казна.

Во втор степен судовите судат во совети составени од петмина судии за кривични дела за кои со закон е пропишана казна затвор во траење од 15 години или казна доживотен затвор, а во совети составени од тројца судии за кривични дела за кои е пропишана поблага казна. Кога суди во втор степен на расправа, советот е составен од двајца судии и тројца судии поротници. Гласот на судиите поротници на гласањето е исто важен како и тој на судијата или судиите, па има ситуации каде што гласовите на поротниците се одлучувачки за казните.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП