19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветски ден на водите 2018 - „Одговорот е во природата“

Светски ден на водите 2018 – „Одговорот е во природата“

Повеќе од 100 посетители присуствуваа на твитап-настанот во Скопје кој имаше за цел да ја подигне јавната свест за значењето на водите и важноста од усвојувањето на решенија засновани на природните процеси во надминувањето на предизвиците поврзани со управувањето со водите.

Всушност, и глобалната тема на овогодишниот Светски ден на водите е „Одговорот е во природата”, што го става фокусот на светско ниво токму на изнаоѓањето начини да се исползува природата во надминувањето на актуелните предизвици во 21 век.

На настанот #ЈаСакамПреспа организиран од страна на УНДП, Швајцарската агенција за развој и соработка и Амбасадата на Кралството Холандија, беше прикажан наградуваниот документарен филм „Езеро од јаболка“ кој прикажува еден многу успешен пример на управување со водите преку примена на решенија засновани на природата, што своја примена може да има и на многу други места.

Главната цел на оваа долгогодишна програма на УНДП, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка е да се обноват и заштитат природните функции на екосистемот и да се заштити биодиверзитетот, овозможувајќи притоа земјоделците од регионот да имаат достоинствена заработувачка. Преку оваа програмата решени се некои од најголемите предизвици од областа на животна средина преку изградба на системи за управување со отпадните води и цврстиот отпад, воведување одржливи земјоделски практики, подобрување на шумската покривка и подобрување на заштитата на загрозените живеалишта.

Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, ја нагласи важноста на решенијата засновани врз природните процеси.

„Преспа ни покажа дека решенијата засновани врз природата имаат потенцијал да решат многу од предизвиците. Потребно е да применуваме зелена инфраструктура секаде каде што тоа е можно. Пошумување, поврзување на реките со нивните поплавни рамнини и реставрација на блатните системи – сето тоа ќе помогне да се балансира циклусот на вода и да се подобри здравјето на луѓето, истовремено заштитувајќи ја животната средина“, рече Витон.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада, истакна дека со унапредувањето на околината, при што воедно корист има економскиот развој, со проектот во Преспа, кој беше поддржан од Швајцарија, поставен е пример за ефикасноста на решенијата засновани на природа. Холандскиот амбасадор, Воутер Пламп, во својата изјава на настанот ја истакна големата важност на водата и потребата да се заштити овој скапоцен ресурс.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП