9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Загреб – Хрватска се наоѓа на дното на листата на конкурентност која ја подготвува швајцарскиот Институт ИМД, според кој земјата го зазема 58-то место меѓу 60 земји. Една година пред тоа, Хрватска беше на 57-то место во конкуренција на 59 земји, но оваа година и по ефикасноста на деловниот сектор, еден од четирите основни индекси на истражувањето, се спушти на самото дно на листата. Меѓутоа, менаџерите во Хрватска, според истражувањето имаат одлични плати, бидејќи по основа на плати и бонуси во долари се наоѓаат на високо осмо место.

Загреб – Во фабрика во украинскиот град Одеса Хрватска ќе изврши ремонт на седум авиони од типот „МиГ-21“, а од Украина ќе набави уште пет ремонтирани борбени авиони, реши Министерството за одбрана во Загреб. За ремонтот и набавка на МиГ-овите Ремонтиот завод во Одеса  понудил цена од 13,9 милиони евра, додека вториот кандидат на тандерот романскиот Аеростар побарал 18,6 милиони евра.

Љубљана – Словенечката економија во првиот квартал офд оваа година опадна за 0,7 отсто во однос на последното ланско тримесечие. Во споредба со првиот квартал во 2012 година, БДП на Словенија според сезонски прилагодените податоци, ослабел за 3,3 отсто и за 4,8 отсто според сезонски неприлагодените податоци, соопшти словенечката канцеларија за статистика. Словенија, која порано беше земја модел во ЕУ, се наоѓа во рецесија од 2011 година.

Љубљана – Бројот на невработени во Словенија порасна на 111.000, што е најголема невработеност во земјата од 1993 година, соопшти словенечкиот завод за статистика. Стапката на невработеност во Словенија во првиот квартал на 2013 година порасна на 11,1 процент, што е за 14,2 отсто повеќе од последните три месеци во 2012 година. Бројот на вработени во Словенија опадна на 888.000, што е најмалку од 2003 година.

Будимпешта – Првите 50 автобуси од марката „Мерцедес Цитаро 2“ стигна во Будимпешта, во рамки на договорот кој унгарската фирма „ВТ Транспорт“ го потпиша со германскиот производител на возила „Мерцедес“, вреден 10 милијарди форинти (3,5 милиони евра). Компанијата „ВТ Транспорт“ засега покрива осум отсто од сите сообраќајни линии во унгарската престолнина, а благодарение на договорот со „Мерцедес“ нејзиното учество ќе се зголеми на 21 отсто. Вкупно 159 нови автобуси постепено ќе се воведуваат во сообраќај во периодот од мај до јули оваа година.

Париз – Француско-холандската авиокомпанија „Ер Франс КЛМ“ почна план за реструктуирање на мрежите на поблиските и подалечни дестинации со кој се предвидува укинување на 29 линии. Многу летови кои ќе бидат укинати се однесуваат на европски линии, но и неколку подалечни дестинации како до Џеда во Саудиска Арабија и Орландо во САД. Укинувањето на еден број линии претставува дел од напорот на компанијата да ја врати рентабилноста на средно оддалечените дестинации, каде во 2012 година забележа загуба од 800 милиони евра.

Париз – Француски јавен обвинител побара ирската нискотарифна авиокомпанија „Рајанер“ да биде казнета со 225.000 евра и да и бидат одземени четири авиони поради наводно кршење на францускитео закони. Обвинителката Ени Батини изјави дека максималната казна со која се соочува „Рајанер“ е  225.000 евра, поради сомнеж за прикриено работење, а таа е толку ниска што може да се нарече смешна. Таа затоа побара Судот на авиопревозникот да му одземе четири авиони кои во периодот од 2007 до 2011 година „Рајанер“ ги држел на аеродромот „Марињан“ во Марсеј.

Париз – Состојбата за невработените во Франција не се поправа 24 месец по ред, а во април е достигнат нов рекорд во бројот на луѓето без работа. Регистрирани се вкупно 3.264.400 невработени од категорија А, односно оние кои никогаш не работеле, објави француското Министерство за труд. Најновиот пораст на невработеноста посебно ги погоди младите, така што бројот на невработени помлади од 25 години на месечно ниво е зголемен за дури 2 отсто, додека во категоријата од 25 до 49 години растот е за 1,1 отсто и исто како и за постари од 50 години.

Париз – Францускиот производител на автомобили „Рено“ разгледува соработка со јапонската компанија „Мицубиши Моторс“, објави весникот „Фигаро“. – Тоа што можеме да го направиме би било во ист стил како и заедничкиот проект на „Рено“ и „Мерцедес“, изјави за весникот еден од директорите во француската компанија. „Рено“ заедно со „Мерцедес“ развива мали автомобили кои треба да го заменат моделот „Твинго“ и микро автомобилот „Смарт“ на германскиот гигант. Овие две компании исто така соработуваат и во областа на комерцијалните возила и моторите.

Париз – Цената на лозјата со најквалитетни сорти на грозје, посебно тие кои се користат за производство на шампањ, наспроти кризата која го погоди пазарот на земјоделското земјиште, се зголеми за 21,5 отсто надминувајќи милион евра по хектар. Во долината на Марна во регионот Шампања-Ардени, просечната цена на лозјата од највисока класа со ексклузивни видови на грозје за производство на луксузни вина достигнува 1,04 милиони евра по хектар. Во департманот Об во истиот регион хектар лозја е значително поевтин и достигнува 723.700 евра.

Берлин – Германскиот производител на спортска опрема „Пума“ за свој нов извршен директор го именуваше поранешниот менаџер на конкурентската компанија „Адидас“, Енди Келер. „Пума“ веќе подолго време се обидува да ги подобри деловните резултати и минува низ најголеми реформи во последните 20 години, која опфаќа и значајни измени во раководството на компанијата. Во јули на чело на компанијата ќе дојде поранешниот фудбалер на Бундеслигата и искусен норвешки менаџер во таа област Бјорн Гулден. Тој ќе го замени Франц Коха, кој кон крајот на март замина од функцијата генерален директор.

Москва – Рускиот производител на автомобили „Автоваз“ соопшти дека го обнови производството на моделот „Лада 4Х4“, кој беше прекинат пред еден месец. Во рамки на реализацијата на програмата за зголемување на квалитетот на автомобилите од почетокот на годината „Лада 4Х4“ доби атермални стакла, подобрен погон на тркалата и млазници за перење на ветробранското стакло.

Њу Делхи – Индиската економија во фискалната година што заврши на 31 март напредуваше со најбавно темпо во последните 10 години, со што се зголеми притисокот на Владата на Њу Делхи да ги забрза економските реформи. Индискиот стопански раст во минатата фискална година успори на 5 отсто, што е голем пад во однос на 8-те отсто, колку што изнесува индискиот просек во последните 10 години. Во првите три месеци од 2013 година, економскиот раст успорил на 4,8 отсто во однос на 5,1 отсто од истиот период лани. Најновите податоци ја потврдија загриженоста на аналитичарите дека високата инфлација, слабото домашно производство и одлагањето на економските реформи влијаат на инвестициите во индиската економија.

Отава – БДП на Канада во првиот квартал од оваа година е зголемен за 2,5 отсто на годишно ниво, што е подобро од очекуваните 2,2 отсто. БДП на Канада во првите три месеци е зголемен за 0,6 отсто во однос на претходниот квартал, што е највисок стопански раст во последните шест месеци. Растот на БДП е последица од зголемениот извоз и тоа за 1,5 отсто, по многу слабиот раст во последниот квартал во 2012 година од само 0,2 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП