7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБалканот повторно меѓу најмалку привлечните региони за инвеститорите

Балканот повторно меѓу најмалку привлечните региони за инвеститорите

balkan1

Резултатите од истражувањето на Институтот за развој на деловното управување (IMD) од Швајцарија, покажаа дека земјите од Балканот се меѓу најмалку привлечните земји за странските инвеститори, пренесуваат локалните медиуми.

Според извештајот, најлошо рангирана земја од Балканот е Хрватска која се наоѓа на 58-то место, на листата од 60 истражени земји, во која Македонија не е наведена.

Од останатите земји од Балканот, најдобро рангирана е Турција која се наоѓа на 37-то место, а следат Словачка на 47-то, Словенија на 52-то, Грција на 54-то место и Бугарија на 57-то место.

Според резултатите наведени во истражувањето, речиси сите земји на Балканот се рангирани меѓу 20-те најниско рангирани земји според конкурентноста.

Истражувањето на швајцарскиот „IMD“ не ги опфатило сите држави од регионот, но според последните резултати од глобалната конкурентност на Светскиот економски форум, Босна и Херцеговина е на 88-то место, Црна Гора на 72-то, Албанија на 89-то и Србија на 95-то место од 144 држави во светот.

На врвот на листата на „IMD“ е САД, по нив следува Швајцарија, Хонг Конг, Шведска, Сингапур, Норвешка, Канада, Обединетите Арапски Емирати, Германија и Катар.

Од најдобро рангираните 20 држави во светот, десет се европски што значи дека Европа е најконкурентниот континент.

Од друга страна, истражувањето покажало дека Венецуела е најмалку конкурентна земја во светот, додека како најлоши се оценети и Аргентина, Јордан, Бугарија и Хрватска.

Швајцарскиот „IMD“ зема предвид 60 типични пазарни економии, а критериумите покажуваат економски движења и финансиски прилики врз основа на економски резултати, ефикасност на јавниот сектор, ефикасност на бизнис-секторот и развој на инфраструктурата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП