25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија на дното – како до повисоки плати?

Македонија на дното – како до повисоки плати?

Статистиката мери постојан раст на просечната плата но Македонија никако да се одвои од дното на Балканот. За вистински да се зголемат личните приходи мора да сериозно да се намали невработеноста, но и да се зголеми продуктивноста.

Просечната плата на крајот на 2017-та година на државно ниво изнесувала 23.850 денари, за една година се зголемила за 1.7% а за една деценија за над 60%. Ова го покажуваат официјалните мерења на Заводот за статистика. Сепак, животот на обичниот човек како да ги демантира ваквите податоци.

„Постојат повеќе причини зошто платите во нашата земја се меѓу најниските во регионот. Главен фактор е високата стапка на невработеност, работодавачите едноставно штедат на работниците бидејќи сметаат дека лесно може да ги заменат. Тоа е основно економско правило – пазарот ги диктира цените, при повисока понуда тие се пониски. Ова се однесува и на пазарот на труд“ објаснува економистот Мартин Ѓоргиевски.

Сепак, високата невработеност иако е можеби основна причина за ниските плати, таа е далеку и од единствена. Сериозен проблем претставува и ниската продуктивност на работниците. Македонија е меѓу последните во регионот и според овие показатели.

Еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија покажуваат официјалните податоци на европската статистичка агенција Евростат.

Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%. Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Податоците се однесуваат на 2013-та и во нив ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.

Старата технологија и рачната работа се главната причина за непродуктивноста на македонските работници.

„Разликата меѓу вложениот труд и крајниот производ е резултат пред се на старата технологија но и на неквалификуваноста на работниците. Мора многу повеќе да се работи и во овие два сегменти“ вели економистот Мартин Ѓоргиевски.

Според последните официјални статистички податоци, највисоките просечни плати во поранешна Југославија се во Словенија и Хрватска каде достигнуваат 1.062 односно 835 евра. Најниски се во Босна и Македонија каде изнесуваат 440 односно 387 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП