26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНаградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија доделена на Менче Точи

Наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија доделена на Менче Точи

Новинарката од интернет-порталот Нова ТВ, Менче Атанасова Точи, е добитник на првата награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2017 година што ја додели Македонскиот институт за медиуми МИМ.

Наградата е доделена за серијалот текстови за сомнителниот паралелен увоз на лекови. Истражувањето третира исклучително важна тема од интерес на граѓаните, која се фокусира на еден од клучните проблеми на здравствениот систем – квалитетот на лековите.

Втората награда за најдобра истражувачка сторија за 2017 година ја добија тимот новинари на БИРН Македонија за истражувањето „Странски инвестиции под лупа“, објавено на интернет-порталот „Призма“. Истражувачкиот проект ја разоткрива мистеријата за реалниот обем и ефектите од странските инвестиции во изминатите 10 години и за нетранспарентна политика на државна помош за привлекување странски инвеститори.

Третата награда во изборот за најдобра истражувачка сторија за 2017 година ја делат Петар Клинчарски за сторијата „Изгубени во 1000 преводи“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М и Лиридона Вејсели за сторијата „Каде е штабот на џихадистите во Македонија?“ објавена на интернет-портал „Журнал“.

Комисијата одлучи да ѝ додели пофалница на Славица Филиповска за демонстрираниот исклучителен новинарски израз и квалитетна обработка на сторијата „Колку време ни треба да го уништиме најстарото езеро во Европа?“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М.

Членовите на комисијата го истакнаа и новинарскиот ангажман и посветеност во истражување значајни теми на новинарот на „Макфакс“, Кристијан Ландов, за сториите: „Каде завршувале парите од донации во Домот за деца без родители ‘11 Октомври’?“, „Физичка тортура и понижување – суровата реалност на македонските текстилни работнички“ и „Македонија ја губи битката со загадениот воздух – смртните случаи во пораст“.

На конкурсот што годинава МИМ го објави по седумнаесетти пат се пријавија 38 автори, со вкупно 60 стории обработени во 154 текстови/прилози, објавени на интернет-портали, телевизии, дневни весници и во неделници. Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година со цел да го поттикне и афирмира истражувачкото новинарство, како врвно достигнување во новинарската професија и чувар на демократските вредности. Од 2013 година наградата го носи името на трагично загинатиот уредник и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП