12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОдржливиот развој на енергетиката – заедничка цел на Министерството за економија и...

Одржливиот развој на енергетиката – заедничка цел на Министерството за економија и МАНУ

Министерот за економија, Крешник Бектеши, и претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, во име на Министерството за економија и Македонската академија на науките и уметностите потпишаа меморандум за соработка за одржлив развој на енергетиката во Република Македонија.

„Целта на овој меморандум е воспоставување меѓусебна соработка и ефективен институционален дијалог, имајќи го предвид интересот на граѓаните на Република Македонија во насока на остварување одржлив развој, согласно со обврските кои Република Македонија ги презеде со ратификуваните меѓународни договори“, соопшти Министерството за економија.

Со меморандумот е предвидено двете институции да преземаат заемни активности за анализа на развојот на енергетиката, со имплементација на поголемо учество на обновливите извори на енергија, спроведувајќи ги најновите светски практики и современите научни сознанија, потоа анализа на обврските на Република Македонија преземени со ратификуваните меѓународни договори во подрачјето на енергетиката и соодветните емисии и намалување на емисиите на стакленички гасови, соработка на полето на компјутерските науки и информатичките технологии и соработка во доменот на економскиот раст и развој, вклучувајќи ги пристапите за динамизирање на растот, преструктуирање на македонската економија, индустриската политика.

Соработката меѓу двете институции ќе се остварува преку изготвување научни проекти, заеднички средби и организирање заеднички предавања, тркалезни маси и форуми за научната и стручна јавност, но и за засегнатите страни и за пошироката јавност со вклучување и на невладините организации и медиумите, потоа изработка на елаборати, презентирање на резултатите од соработката на меѓународни и домашни стручни собири, објавување научни и стручни трудови во меѓународни и домашни списанија, како и презентирање на преземените активности и постигнатите резултати на веб-страниците на Министерството за економија и на МАНУ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП