20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија и Грција ќе се поврзат со гасоводна мрежа долга 120 километри

Македонија и Грција ќе се поврзат со гасоводна мрежа долга 120 километри

Од Владата информираат дека периодов се утврдуваат временската рамка и деталите за реализација на траса за гасно поврзување меѓу Македонија и Грција со интерконектор.

За оваа цел се вршат консултации меѓу работна група составена од членови на државното акционерско друштво, Македонски енергетски ресурси (МЕР) и грчката компанија за управување на систем за пренос на природен гас во Грција (ДЕСФА).

„Согласно мерките за градење доверба помеѓу Република Македонија и Република Грција и интензивирање на билатералната соработка иницирана од премиерите на двете земји, експертите се согласија дека Проектот е добро решение за Македонија и Грција и отвора можности за продлабочување на соработката во енергетиката но и поттикнување на регионалната енергетска соработка на Балканот“, се наведува во владиното соопштение.

Со овој проект планирано е да се изградат околу 120 километри гасоводна мрежа, (околу шеесет километри на македонска и шеесет километри на грчка страна), а Македонија почнува иницијатива за развој на нови гасни коридори во Југоисточна Европа.

„Реализацијата на овој проект е од особено значење за Република Македонија бидејќи се создаваат услови за приклучување на земјата кон проектот ТАП како и користење на течниот природен гас (ТПС) од резервоарите во Грција. Со тоа ќе се овозможи транзитирање на природниот гас низ Македонија кој понатаму може да се користи и од потрошувачите на останатите земји во регионот“, нагласуваат од Владата.

Следува изработка на физибилити студија која ќе ги опфати техничките и економските аспекти на гасното поврзување и ќе понуди конкретни решенија за потребната инфраструктура на територијата на двете држави. За почеток, предвидено е гасоводната линија да има технички проектни перформанси од 2 до 3 милијарди кубни метри гас. Со цел годинава да се отпочне реализацијата на проектот, Република Македонија и Република Грција заедно ќе аплицираат за финансиски средства во меѓународните институции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП