26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата ќе го менува моделот за осигурување на земјоделските поседи

Владата ќе го менува моделот за осигурување на земјоделските поседи

Државата и натаму ќе финансира 60% од премијата за осигурување на земјоделските поседи, но потребно е да се подигне свеста за потребите и придобивките од осигурувањето кај земјоделците. Ова денеска го порача министерот Љупчо Николовски на трибината со земјоделците и осигурителните компании.

Како што информираат од владината прес-служба на средбата се дискутирало како да се зголеми бројот на осигурени земјоделци и да се искористат што повеќе мерките на Министерството за земјоделство. Од Владата информираат дека и покрај мерката со која државата покрива 60% од премијата за осигурување, во последните години се бележи пад на бројот на осигурени земјоделци. Ваквите податоци биле доволни да се вклучи алармот и да побараат решенија за зголемување на бројот на осигуреници.

„Не можеме секогаш да влијаеме врз климатските промени, но како ресорно министерство мора да работиме на ефикасни инструменти со кои ќе го заштитиме земјоделското производството, а земјоделците ќе можат да си ги покријат загубите“, порачал министерот Николовски.

Тој истакнал дека осигурените земјоделци имаат пристап до повеќе субвенционирани програми за разлика од неосигурените, но и дека долгорочно, осигурувањето ќе го растерети буџетот кој сега во најголем дел се троши токму на исплата на штети.

„Покрај директната корист која ја имаат земјоделците од осигурувањето, самото Министерство ќе има повеќе средства на располагање за реализација на капиталните инвестиции, кои секако одат во прилог на сите земјоделци“, рекол Николовски.

Во просек, годишно, досега за осигурување во земјоделството од елементарни непогоди се исплаќаа по 300 милиони денари. Заради негативните трендови во осигурувањето се размислува и за менување на целиот систем на осигурување во земјоделството.

Министерот Николовски и директорот Попоски, порачале дека во периодот што следува ќе се работи на среднорочна и долгорочна стратегија за развој и зголемување на интересот за осигурување на земјоделското производство. Притоа во опција е проектот предложен од страна на реосигурителната компанија „Европа Ре“, во која државата се јавува како основач. Долгорочна стратегија би била врз основа на странските искуства во областа на осигурување на земјоделството.

Присутните земјоделци имале забелешки до осигурителните компании за начинот на проценки кои што ги вршат компаниите. Земјоделците побарале од осигурителните компании до ноември во тековната година, да ја имаат објавено програмата, за да можат навреме да се информираат за пакетите што ги нудат компаниите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП