4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо финансиска помош од Швајцарија Делчево ќе добие квалитетна вода за пиење

Со финансиска помош од Швајцарија Делчево ќе добие квалитетна вода за пиење

Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, директорката на ЈПКД „Брегалница“, Розета Цонева, и Сибил Сутер Техада, амбасадор на Швајцарија, денес потпишаа билатерален договор за доделување техничка и финансиска помош за проектот „Водоснабдување на Делчево“.

Со потпишување на овој билатерален договор официјално започна реализација на проектот со кој на жителите на Делчево ќе им се обезбеди пристап до поквалитетна вода за пиење и ќе се подобри квалитетот на водата од реката Брегалница.

Договорот предвидува реализацијата на проектот да се спроведува во две фази: првата фаза е финансиска и техничка помош за системот за водоснабдување во Делчево, а втората фаза е третман на отпадни води во Делчево.

Со реализација на зафатите предвидени со проектот ќе се обезбеди: подобрен квалитет на водата за пиење, унапреден систем за водоснабдување во општина Делчево со прифатлива цена на чинење, зајакнати капацитети за финансиско и оперативно управување на Јавното претпријатие „Брегалница“ во Делчево и подобрено управување со водните ресурси во Делчево како поддршка на адаптацијата кон климатските промени.

Во рамките на инфраструктурните инвестиции предвидена е изградба на пречистителна станица за вода, продолжување на мрежата за водоснабдување до селата Ѕвегор и Габрово, инсталација на два капацитета за производство на обновлива енергија, а во текот на институционалната поддршка предвидени се корпоративни мерки за развој во Јавното претпријатие за комунални дејности „Брегалница“.

Овие зафати ќе чинат околу 7,3 милиони швајцарски франци, од кои приближно 1,3 милион се домашна контрибуција на Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Делчево.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП