6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСловенечкиот БДП во првиот квартал намален за 4,8 проценти

Словенечкиот БДП во првиот квартал намален за 4,8 проценти

sloveni1

Словенечкиот БДП во првиот квартал од оваа година бил за 4,8 проценти помал во однос на првите три месеци во 2012 година, објави во петокот словенечки завод за статистика.

Ако се спореди бројот на работните денови во првиот квартал од минатата и од оваа година, споредбата покажува нешто помал пад од 3,3 проценти на годишно ниво, додека падот на БДП според последниот квартал во 2012 година изнесува 0,7 проценти. Станува збор за четвртиот квартал по ред во кој словенечката економија бележи пад во активностите.

Според оценките на експертите, продолжувањето на рецесијата во Словенија е последица на намалувањето на потрошувачката поради мерките за штедење и падот на приходите.

Статистичкиот завод, како една од ретките позитивни појави, го гледа натамошното јакнење на извозот, кој во првиот квартал од оваа година беше за 1,8 проценти поголем во однос на истиот период лани, што резултира со позитивен биланс од 3,4 проценти во трансакциите со странство.

Од друга страна, влијанието на домашната побарувачка во економијата останува негативно, а вкупната домашна потрошувачка во првиот дел од оваа година паднала за 7,7 проценти, продолжувајќи го минатогодишниот тренд.

Додадената вредност е намалена во сите сектори, најмногу во секторот за преработка, за три проценти, и во трговијата, прометот и угостителството, за 4,9 проценти.

Интересно е тоа дека инвестициите во машини и опрема во првиот квартал од оваа година се зголемиле за 14,4 проценти, додека, инвестициите во градежништвото паднале за 20 проценти, продолжувајќи го, исто така, негативниот тренд од последните четири години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП