26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШилегов по примерот на Париз ќе го модернизира Скопје

Шилегов по примерот на Париз ќе го модернизира Скопје

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов деновиве е во Париз каде што одржува состаноци со заинтересирани страни на полето на урбаниот развој и меѓународната соработка, информираат од Град Скопје.

Во рамките на посетата Шилегов денеска имал излагање за приоритетите на Град Скопје пред членовите на работната група за одржлив град при Стопанската комора на Франција, а одржал и индивидуални средби со заинтересирани компании што нудат свои производи од областа на градежништвото, енергетската ефикасност, урбаната мобилност, управувањето со отпад итн.

Во поздравниот говор пред стопанствениците Шилегов информирал за борбата со загадувањето како најгорлив проблем на Скопје, плановите за масовно зазеленување на јавните простори, како и развојот на велосипедизмот во градот.

„Насочени сме кон обновување на соработката со збратимените градови и градовите од пријателските европски земји. Се надевам дека француските компании ќе најдат начин како да ги искористат отворените врати на Град Скопје за со своите производи и искуства да помогнат во изградбата и модернизацијата на градот“, изјавил Шилегов пред присутните.

Градоначалникот на Скопје остварил средба и со заменик-градоначалникот на Париз, Кристоф Најдовски, а за утре е планирана средба и со Флоранс Манжен, директорка на Директоратот за континентална Европа при Министерството за надворешни работи на Европа на Република Франција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП