28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕЛЕМ: Нашите екипи го следат растот на нивото на Охридското Езеро

ЕЛЕМ: Нашите екипи го следат растот на нивото на Охридското Езеро

Состојбата со нивото на Охридското Езеро будно се следи и се преземаат потребните мерки во случај да продолжат ваквите временски услови. Ова заеднички беше заклучено на денешната средба на градоначалникот Јован Стојаноски и директорот на АД ЕЛЕМ, Драги Миноски.

„Континуирано ја следиме состојбата со нивото на Охридското Езеро и сме во постојан контакт со АД ЕЛЕМ, кој го контролира испуштањето на водата во Дрим. Исто така, ја следиме состојбата на реките и каналите што се влеваат во езерото. За жал, поради нераспишана тендерска постапка минатата година, коритата на реките и каналите не беа исчистени, но ние исчистивме делови на најкритичните места, а целосно чистење ќе направиме по смирување на водотеците“, рече градоначалникот Јован Стојаноски.

Директорот на АД ЕЛЕМ истакна дека поради брзото топење на снегот, интензивните врнежи дожд и високите температури, нивните екипи постојано се на терен и го следат брзиот раст на нивото на Охридското Езеро.

„Работиме максимално за да го оптимизираме нашето производство со оглед на фактот дека и нашите електрани во изминатите два месеца работат на максимално ниво. Ја употребуваме водата и правиме напори за да ја задржиме, но притоа да не им направиме штета на Охрид и Струга, а исто така да не направиме штета ни по течението на реката Дрим“, рече Миноски.

Тој објасни дека се контактира и со надлежните органи во соседна Албанија сè со цел да се контролира ситуацијата на целиот дримски басен.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП