18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев-Петерс: Македонија и Белгија ја зголемуваат меѓусебната економска соработка

Анѓушев-Петерс: Македонија и Белгија ја зголемуваат меѓусебната економска соработка

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев за време на вториот ден од службената посета на Кралството Белгија, во Брисел оствари средба со неговиот белгиски колега, вицепремиерот и министер за економија и вработувања во белгиската Влада, Крис Петерс.

На средбата, Анѓушев посочи дека Владата на Република Македонија интензивно работи на раст и развој на економијата, преку имплементирање на мерки за поддршка на стопанството.

„Креиравме сет на мерки за поддршка на стопанството, кои се транспарентни и исти за сите компании. Целта ни е да привлечеме нови реномирани странски компании да инвестираат во Република Македонија, веќе постоечките компании да вложат во технолошки развој и иновации и да развиваат нови производи, како и да ја зголемиме соработката помеѓу домашните и странските компании. Крајна цел на Владата е да ја поддржи и поттикне конкурентноста на компаниите, да се создаде поволна бизнис клима која ќе овозможи одржлив економски систем, кој ќе биде од полза на граѓаните, компаниите и на Република Македонија на долг рок“, подвлече Анѓушев.

Соговорниците заклучија дека трговската размена помеѓу двете земји континуирано се зголемува и во 2017 година достигна 334 милиони долари, што е зголемување за речиси 300% од 2013 година, кога изнесуваше 115 милиони долари.

Белгија е 10-ти трговски партнер на Македонија, во 2017 во однос на 2016 обемот е зголемен за 15%, а особено значајно е што Белгија е една од ретките земји со кои Република Македонија остварува суфицит во трговската размена. Како добра основа за интензивирање на меѓусебната економска соработка беше посочен и договорот за одбегнување на двојно оданочување помеѓу двете земји, кој стапи на сила на 1-ви јануари 2018 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП