29 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФинска инвестира 1 милијарда долари во Nokia

Финска инвестира 1 милијарда долари во Nokia

Инвестициската единица на финската влада потроши околу 844 милиони евра (1,04 милијарди долари) за удел од 3,3% во „Nokia“ – потег кој има за цел да го зајакне влијанието на земјата врз производителот на телекомуникациска опрема, пренесува „Ројтерс“.

„Nokia“ беше лидер на светскиот пазар на смартфони пред една деценија, а падот на бизнисот и беше главна причина за економскиот застој, кој продолжил деценија, од кој Финска продолжува да се опоравува.

Компанијата, која има 6.300 вработени во Финска, а на глобално ниво има околу 102.800 вработени, сега е фокусирана на индустријата за телекомуникациска опрема, каде се натпреварува со шведски „Ericsson“ и со кинески „Huawei“.

„Ние веруваме дека ова ќе биде добра инвестиција. Луѓето треба да знаат дека „Nokia“ е најголемата финската компанија“, коментира извршниот директор на „Solidium“, Анти Макинен.

„Solidium“, владината инвестициска единица доби удел откако купи акции во почетокот на 2018-та година. Во последните недели таа ги намали уделите во шведската компанија за телекомуникации „Telia“, компанијата за челик „SSAB“ и во холдинг-компанијата „Sampo“ за да ја финансира инвестицијата во „Nokia“.

Макинен коментира дека „Solidium“ нема да сака место во одборот на директори на „Nokia“ во рамките на состанокот на акционерите, закажан за мај, но објасни дека тоа е опција која може да се разгледа во иднина. Тој нагласи дека со текот на времето „Solidium“ сакаше да има членови во одборот на секоја од своите компании. Во оваа пролет самиот Макинен беше предложен за нов член на одборот на „Sampo“ и на друга компанија – „Stora Enso“, која се занимава со пакување на стоки.

На прашањето дали „Solidium“ сака да го зголеми својот удел во „Nokia“, тој коментира дека е задоволен од сегашниот удел и нема да шпекулира за идни инвестиции.

Според веб-страницата на „Nokia“, три фински пензиски фондови поседуваат помалку од 3% од компанијата.

Во оваа фаза, „Nokia“ одби да коментира за ова прашање за „Ројтерс“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП