2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинистерот Сарачини се сретна со претставници на Светска банка

Министерот Сарачини се сретна со претставници на Светска банка

saracini_g_1

Министерот за економија Ваљон Сарачини  денеска на средба со претставници на мисијата на Светската банка ги претстави реализацијата на проектот Луково Поле, статусот на изготвување на Извештајот за приоритетна енергетската инфраструктура, како и за реализацијата на ГЕФ Проектот за одржлива енергија и на Националната програма за енергетска ефикасност на јавни згради до 2019 година (прва фаза).

Претставниците на СБ, Ласло Ловеи, директор на Секторот за одржлив развој на банката во Вашингтон и Татјана Проскурјакова, директор на Канцеларијата на СБ во Македонија укажале дека за  Луково Поле, што треба да се финансира со кредит од Светска Банка, е добар проект и оти неговата реализација е во заеднички интерес.

Меѓу актуелните активности кои се преземаат се подобрување на техничката документација, презентација на проектот и разговори со невладините организации и локалното население, како и изработка на ESIA Студијата за влијание врз животната средина, која ќе биде од големо значење за донесување на конечна одлука околу финансирањето на овој проект.  Разговарано е и за потребата да се известат соседните држави за намерата да се реализира овој проект, соопшти Министерството за економија.

На средбата станало збор и за Извештајот за приоритетна  енергетската инфраструктура за период од 10-15 години, што го изготвува Светска Банка на барање на Владата на Република Македонија. За изготвување на  извештајот, Светска Банка реализираше мисија во периодот од 8-20 април, во текот на која одржа состаноци со претставници на министерствата за економија, за финансии, за животна средина и просторно планирање, Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и за координација со економските ресори, Регулаторната комисија за енергетика, енергетските претпријатија и МАНУ. Врз основа на првичните информации кои што ги собра, Светска банка изготви првични согледувања за натамошниот развој на енергетскиот сектор во Република Македонија. Нацрт извештајот, најавува Министерството за економија, ќе биде доставен до надлежните институции  до 10 јуни, а на 14 јуни ќе биде одржана работилница, во организација на Светска Банка.

Во однос на реализацијатата на ГЕФ Проектот за одржлива енергија, министерот ја нагласил добрата меѓусебна соработка во неговата реализација, при што изразил очекување дека Светската Банка, со експертска и финансиска помош, ќе ја поддржи и реализацијата на Националната програма за енергетска ефикасност на јавни згради во Република Македонија до 2019 (прва фаза). Финансиската поддршка за реализација на оваа програма ќе се одвива преку Фондот за енергетска ефикасност, за што, според соопштението, е побарано од Светска Банка финансиска поддршка во форма на грант и експертска поддршка за негово основање и функционирање.

Претставниците од Светска Банка изразија подготвеност за поддршка на натамошните активности на Република Македонија, особено во областа на енергетската ефикасност, се вели во соопштението од Министерството за економија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП