18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев: Силна поддршка за стартап-компаниите

Анѓушев: Силна поддршка за стартап-компаниите

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, учествуваше на настанот за одбележување на Европската недела на стартапи, во организација на Фондот за иновации и технолошки развој, каде што на присутните им го пренесе личното искуство како стопанственик.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека стартап, микро, малите и средните компании со мерките од планот за економски раст ќе добијат силна поддршка, што ќе придонесе за повисок раст и побрз развој на македонската економија.

„Преку споделувањето на личниот пример сакам да ги охрабрам младите луѓе, да го поттикнам нивниот претприемачки дух и да ги мотивирам да инвестираат во родната земја. Владата преку имплементација на мерките од третиот столб на планот за економски раст, како никогаш досега, ќе ги поддржи микро, малите и средните претпријатија. Владата ќе биде партнер на компаниите, ќе ги поддржи нивните инвестиции со финансиски средства, со крајна цел да бидат успешни и да се развиваат. Верувам дека овие мерки ќе ги мотивираат младите луѓе, ќе го раздвижат претприемачкиот дух и дека ќе создадеме темел на една здрава економија“, потенцира Анѓушев.

Мерките од третиот столб се реализираат преку програма за поддршка на малите и средните претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој, а директорот на Фондот, Јован Деспотовски, изјави дека постои огромен интерес за мерките и потенцијал за раст кај компаниите.

„Фондот за иновации и технолошки развој ќе ги поддржи микро, малите и средните компании, сакаме да покажеме дека се нуди голема поддршка и во иднина ќе се нуди уште повеќе за младите луѓе да ги реализираат своите идеи, да ја планираат својата иднина и да придонесат за економски раст на земјата“, истакна директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Деспотовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП