Европската Унија се надева дека ќе биде изземена од тарифите за челик и алуминиум на американскиот претседател Доналд Трамп. „Се надеваме дека можеме да добиеме потврда дека ЕУ е изземена“, изјави комесарот за трговија на ЕУ, Сесилија Малмстром, во Брисел.
„Ќе побарам појаснување во врска со ова прашање во деновите што доаѓаат. Во саботата во Брисел ќе разговараме за ова со трговскиот претставник на САД, Роберт Лаитизер“, реагира таа на „Твитер“.
Најголемиот светски извозник на челик – Кина, ја смета одлуката на претседателот Трамп за сериозен напад врз нормалниот светски трговски поредок најавувајќи спротивставување и контрамерки. За Јужна Кореја, која е трет по големина извозник на челик во САД, ова е трговска војна.
„Ние мораме да ја спречиме трговската војна предизвикана од непотребен протекционизам, во кој губитник ќе биде целиот свет“, изјави Пајк Ун-Гиу, министер за трговија на Јужна Кореа.
И Јапонија изрази жалење по одлуката на Трамп и соопшти дека ќе има силно влијание врз билатералните односи со САД. Индија соопшти дека мерките ќе предизвикаат загуба во нејзиниот извоз од 130 милиони долари.
Трамп ја потпиша одлука за наметнување царини во висина од 25 проценти за увозот на челик и десет проценти за увезениот алуминиум, која стапува во сила во рок од две недели. Канада и Мексико беа изземени за неодреден период додека траат преговорите за Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА).
„Губењето на извозот во САД, во комбинација со очекуваниот масовен пораст на увозот во ЕУ, би можело да ја чини индустријата за челик и сродните сектори десетици илјади работни места“, рече Аксел Егерт, генерален директор на „Еврофер“, европското здружение за челик.
„Иронично, процените покажуваат дека САД исто така би можеле да загубат работни места како резултат на мерката. Трамп ги наметна царините и покрај советите од соработниците кои предупредија дека со новата мерка може да се започне трговска војна.