3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиколовски: Отворање откупни центри и сигурен пласман за земјоделските производи

Николовски: Отворање откупни центри и сигурен пласман за земјоделските производи

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, и со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски, во Струмица присуствуваа на трибина за моментната состојба со градинарското производство и откупот на земјоделските производи.

На трибината присуствуваa земјоделци и откупувачи на земјоделски производи од Струмичкиот Регион.

На трибината беа презентирани политиките на Владата на Република Македонија за развој на земјдоелството, како и мерките за поддршка на градинарското производство.

Министерот Николовски посочи дека во следниот период интензивно ќе се работи на отворање нов откупно-дистрибутивен центар во Струмица и наоѓање нови пазари за пласман на земјоделските и градинарските производи. На трибината земјоделците се интересираа до каде е процесот за ревизија на даденото земјоделско земјиште под концесија бидејќи, според нив, дадените површини во изминатите години не се обработуваат целосно, а дополнително истото земјиште се издава под закуп.

Прозводителите на јапонска јаболка побараа намалување на цената на сертификатот за извоз „Глобал габ“, а голем интерес беше искажан и за плаќањето на персоналниот данок, односно за ослободувањето на земјоделските производители што остваруваат до еден милион денари. Некои од претставниците на земјоделските здруженија побараа да учествуваат во донесувањето на земјоделските политики, да има заштитени откупни цени, а во креирањето на даночната политика да учествуваат и земјоделците. Тие побараа, покрај таканаречената зелена нафта, да добиваат субвениции и за бензинот бидејќи голем дел од површините во Струмичко се наводнуваат со пумпи што работат на бензин.

„Знаеме за неискористеноста на државното земјоделско земјиште дадено под закуп, а ревизијата го заврши извештајот кој е доставен до мене и според него ќе преземеме конкретни мерки. Отворивме и кол-центар во Министерството со цел ваквите конкретни состојби што ги знаете да ги пријавите. Во овој период имаме раскинати договори и еден таков е за површина од 700 хектари, а има и многу други“, изјави министерот Николовски.

Притоа, министерот Николовски посочи дека интензивно се работи на отворањето нови пазари и дека се создадени нови контакти и можности за пласман и извоз на македонските земјоделски производи.

„Има резултат посетата на премиерот на владата на Република Турција, каде што се разговараше конкретно за извозот на нашето јагне. Со египетскиот министер за земјоделство, и покрај високите царини, се договоривме на наше писмено барање да понудиме што ќе извеземе и царините да бидат сведени на минимум. Очекуваме една голема делегација од Катар, особено во делот на земјоделството, со која ќе разговараме за извоз и пласман на нашите производите“, посочи Николовски.

Тој рече дека моделот на заеднички средби со сите фактори во земјоделскиот сектор и надлежните институции од секторот е важен за навреме да се решаваат сите отворени проблеми, но и за креирањето на идните политики на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП