21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев-Емилевич: Македонија и Полска имаат можности за зголемување на економската соработка

Анѓушев-Емилевич: Македонија и Полска имаат можности за зголемување на економската соработка

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев е во еднодневна посета во Варшава, Република Полска, кадешто оствари средба со министерката за претприемништво и технологии Јaдвига Емилиевич и со претставници на компании-членки на Полско-балканската комора.

Вицепремиерот и Емилиевич разговараа за економските односи помеѓу двете земји, пришто констатираа дека економската соработка е во нагорна линија, се зголемува трговската соработка, увозот и извозот од двете земји.

Вицепремиерот истакна дека Владата интензивно работи на раздвижување на економската активност во земјата. Тој рече дека е донесена среднорочна Програма за поддршка на иновации со која ќе се даде голема поддршка за малите и средните компании, а во Владина процедура е влезен и Закон за финансиска поддршка на инвестициите, со кој ќе се поддржат нови инвестиции, технолошки развој и отворање на нови работни места во македонските компании.

„Креиравме сет на мерки, кои ги нарековме План за економски раст, со кои сакаме да ја поттикнеме економската активност на компаниите во земјата. Тоа ќе го правиме низ транспарентен процес, во кој компаниите однапред знаат каква помош би можеле да добијат од државата за своите инвестиции. Сите компании, независно дали се со домашен или странски капитал добиваат исти можности“, потенцираше Вицепремиерот.

Министерката Емилиевич посочи дека и Владата на Полска работи на имплементација на мерки за раст и развој на полската економија, кои се базираат на поддршка на истражувањето и развојот. Целта на оваа политика е растот на економијата да се базира на технолошки развој, а не на користење на евтината работна сила.

Двајцата соговорници констатираа дека за поинтензивни економски односи потребно е повисоко ниво на соработка помеѓу стопанските комори во двете земји, а разговараа и за можности за соработка во земјоделието. Соговорниците се согласија дека економската соработка помеѓу земјите ќе се интензивира со воспоставување на директната авиолинија Скопје-Варшава од јуни 2018-та година, како и со сезонската линија Варшава-Охрид во летниот период, со што ќе се придонесе за зголемена интеракција во туризмот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП