5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе излеаа горните текови на Вардар, Црна и Треска, најкритично во Северозападниот...

Се излеаа горните текови на Вардар, Црна и Треска, најкритично во Северозападниот Регион

Се излеаја горните текови на Вардар, Црна и Треска, најкритично е во Северозападниот Регион на Република Македонија, соопшти Управувачкиот комитет за справување со кризи, кој денеска заседаваше и додаде дека сите надлежни институции работат во насока на превенција на појавата на поплави по интензивните врнежи од дожд и топењето на снегот.

Од Управувачкиот комитет информираат дека на седницата била согледана состојбата со водостоите на реките во целата земја и членовите на Комитетот констатирале дека ситуацијата е најкритична во Северозападниот Регион на Република Македонија, но и во Пелагониската Котлина, како и во градот Скопје.

„Според податоците од надлежните институции, значително се зголемени водостоите на реките Вардар, Црна, Треска, Сатеска, Радика, како и на реката Пчиња. Поплавувања се регистрирани во горните текови на Вардар, Црна и реката Треска и нивните помали притоки. Во општината Јегуновце е поплавена поголема површина земјоделско земјиште, но ако и натаму се зголемува нивото на реката Вардар, институциите констатираа дека и дел од куќите може да бидат поплавени. Исто така, во гостиварското село Форино вчера биле поплавени дел од куќите и подрумските простории. Регистрирано е и свлечиште на патот кај тетовското село Ново Село. Некои од подрумските простории во пониските делови на градот Струга биле поплавени во текот на денот поради високото ниво подземни води. Исто така, поплавено е и обработливо земјоделско земјиште поради излевање на реката Црн Дрим. Понатаму, во Кичево веќе е интервенирано во дел од градот по течението на реката Зајашка. Поставен е одбранбен насип со вреќи со песок и механизација. Има и помали излевања на реката Вардар во Скопско. Со оглед на ситуацијата, овие состојби може да се променат во рок од неколку часа“, соопшти Управувачкиот комитет.

Имајќи ги предвид најавите на Управата за хидрометеоролошки работи за нови врнежи од дожд во следните 24 часа, Управувачкиот комитет за справување со кризи на денешната седница ги повикало Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, АД „Водостопанство на Република Македонија“ и Заедницата на единиците на локалната самоуправа да одржат координативни состаноци со сите надлежни институции под нивна надлежност со цел правење детален акциски план со работни активности во институциите во согласност со расположливите ресурси од институциите во насока на превентивно дејствување за спречување на поплавите.

Со седницата претседаваше раководителот на Комитетот, Оливер Спасовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП