1 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрилеп со пет милиони денари ќе ги финансира спортските клубови

Прилеп со пет милиони денари ќе ги финансира спортските клубови

На петтиот по ред Граѓански парламент, што се одржа денеска во Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски ги информира присутните претставници на граѓанските здруженија за пристигнатите апликации за финансирање проекти на јавниот оглас што го распиша Општината.

„Пристигнати се 136 апликации од 129 граѓански здруженија. Ги информирав претставниците на невладините организации, спортските клубови и другите здруженија за начинот и критериумите според кои ќе им бидат поделени средства од општинскиот буџет. Ова е исполнување на ветувањето дека средствата ќе бидат доделени транспарентно. За ова е задолжена Комисијата за финансирање и буџет и членовите тоа ќе го направат наредниве неколку дена. Општина Прилеп ќе издвои 5 милиони денари за спортските клубови и 2,5 милиона денари за невладините организации и другите здруженија. Вкупната сума што ќе биде доделена е иста како и минатогодишната“, изјави Јованоски.

Тој потенцира дека висината на побарувањата на граѓанските организации, во согласност со поднесените апликации, била околу 32 милиона денари, што е неколкупати над предвидената сума. Според градоначалникот, постои опција со ребалансот на буџетот да бидат издвоени дополнителни средства за финансиска поддршка на уште неколку апликации за кои ќе се оцени дека имаат општествена оправданост и јавен интерес.

Истовремено, Јованоски издвои дел од реализираните активности на Општина Прилеп, кои граѓанските организации ги побарале на претходните средби со Граѓанскиот парламент. Тука спаѓа регулирањето на сопственоста на објектот, каде што ќе биде сместен дневниот центар за деца со церебрална парализа. Како што рече градоначалникот Јованоски, објавен е тендер за негова реконструкција и доколку работите се движат според планираната динамика, центарот ќе профункционира до крајот на јуни.

„Набргу ќе биде реализиран и проектот за отворање детска градинка во ООУ ’Рампо Левката’, каде што ќе бидат згрижени нови 75 дечиња. Го зголемивме просторот што го користи невладината организација „Порака“. Во тек се градежните активности за инфраструктурно уредување на населбата Три Багреми, а со одредени финансиски средства ќе им се излезе во пресрет на барањата на фудбалскиот клуб ‘Победа’ и ракометниот клуб ‘Прилеп’“, истакна Јованоски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП