11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрепораки за превенција од заразни болести и заштита на животните при поплави

Препораки за превенција од заразни болести и заштита на животните при поплави

По најавеното нагло топење на снегот и врнежите од дожд, дојде до покачување на водостоите на реките и нивно излевање и поплави во одредени региони.

По тој повод Агенцијата за храна и ветеринарство советува како превентивно да се намалат ризиците од појава на заразни болести што се пренесуваат преку храната или водата за пиење, но и за заштита на животните при поплави.

Препораките од Агенцијата ги пренесуваме интегрално:

Како да се заштитите од заразните болести што се пренесуваат преку храната и водата за пиење?

– За време на поплавите постојано да се следат информациите за водоснабдувањето и безбедноста на водата за пиење преку локалните и националните телевизии, радиjа и преку интернет-порталите.
– За пиење, за подготовка на храна и за одржување лична хигиена да се користи само пакувана вода или вода за пиење од цистерни, која ја доставуваат јавните водоснабдителни претпријатија.
– Доколку постојат резерви вода, таа да не се употребува додека не се преврие (вриење најмалку 15 минути), или водата да се хлорира на соодветен начин или од страна на стручно лице.
– Доколку водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, каде што е видливо заматување на водата, таа да не се користи за пиење и за готвење сè до санирање на состојбата и добивање лабораториска потврда дека водата е безбедна.
– Доколку водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти каде што нема видливи промени на водата, се препорачува да се изврши нејзина превентивна дезинфекција.
– Редовно да се одржува хигиената на рацете со сапун или средство за дезинфекција, особено по контактот со водата од поплавата или со предметите што биле поплавени, особено по чистењето и пред подготовката на храна.
– Да се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води.
– Целата храна што била во контакт со водата од поплавата, во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми, да не се користи за исхрана, односно се препорачува храната да се фрли.
– Да се дезинфицираат сите работни површини, како и приборот за готвење и јадење.
– Храната да се подготвува со безбедна вода и задолжително термички да се обработи на температура повисока од 70 Целзиусови степени.
– Подготвената храна да не се чува подолго од два часа на собна температура, односно таа треба да се чува на температура пониска од 10 Целзиусови степени.
– Да се избегнува контакт на сировата храна со термички обработената храна.
– Како дополнителни мерки препорачуваме храната темелно термички да се обработи, особено храната од животинско потекло, а овошјето и зеленчукот што обично се користи сирово, сега дополнително да се измие во млака вода, да се исчисти, повторно да се измие и термички да се обработи.
– Малите деца се препорачува да се хранат со индустриски подготвена храна.

Постапки за заштита на животните за време на поплави

– Без разлика дали се работи за домашен миленик или за домашни животни, сопствениците и одгледувачите имаат должност да бидат подготвени во случај на елементарна непогода и да водат сметка за заштитата и благосостојбата на животните.
– Сопствениците и одгледувачите на животни треба постојано да ја следат метеоролошката состојба, особено предупредувањата од надлежните органи за опасност од појава на поплави за да можат навреме да ги извршат неопходните подготовки за заштита на животните.
– Основна работа е на животните да им се обезбеди соодветна храна, вода и засолниште.
– Доколку постои предупредување за поплава, ако има можност, животните пред надоаѓање на водата да се префрлат на безбедна локација
– Доколку во краток рок е потребно да се напушти местото на живеење, а не е можно да се понесат животните со себе, ако е можно, животните треба да се префрлат на безбедно место. Ако се во штала и се држат врзани, животните треба да се одврзат и доколку постои можност, да се дислоцираат на повисоко место каде што ризикот од поплавување е помал. Исто така, треба и да се отворат вратите од боксовите и шталите, со што животните би имале шанса да побегнат.

Животните што се држат на отворено исто така треба да се префрлат на повисоко место каде што ризикот од поплавување е помал.

– Доколку е можно, храната треба да се складира и префрли на безбедно и суво место, по можност да се складира и свежа вода (во херметички затворени резервоари, цистерни, буриња итн.).
– Животните треба да бидат обележани во согласност со Законот за идентификацијата и регистрацијата, односно говедата, овците и козите и свињите со ушни маркички, а доколку се работи за животни што немаат идентификација, сопственикот може привремено да ги обележи за да може да се идентификуваат во случај да се изгубат.
– Фармерскиот регистар и податоците за животните да се складираат на безбедно и суво место.
– Доколку се најдат животни во поплавени подрачја, со нив треба да се постапува внимателно имајќи предвид дека се вознемирени и исплашени.

Првин треба да се згрижат помладите животни. Ним треба што побргу да им се обезбеди свежа и безбедна вода (доколку нема друга опција за безбедна вода, на животните може да им се даде да пијат дождовница).
Храната може да се даде во помала количина од вообичаената.

Одгледувачите треба да се обратат до екипите на терен, кои ќе им дадат соодветни информации каде и како може да обезбедат свежа вода и соодветна храна.

На животните не треба да им се дава да пијат од поплавената вода.

– Доколку има ограничен извор на вода, на животните дневно треба да им се обезбеди следната количина вода (во зависност од возраста, големината и продукцијата на животните):
– говедо 30-50 литри
– коњ 20-45 литри
– авињи 4-12 литри
– овци и кози 6 литри
– живина 0,5 литри
– За да се намали жедта, доколку има потреба, на животните треба да им се дава помала количина храна, пресушување на млечните крави кои се во подоцнежна фаза на лактација итн.
– Одгледувачите треба да бидат во контакт со надлежниот ветеринар за давање совети, инструкции, а по потреба и за давање ветеринарно-медицинска грижа.
– Доколку животните не може да се сместат во шталите, треба да им се обезбеди соодветно засолниште со суви и безбедни лежишта. Животните таму треба да имаат пристап до свежа вода и храна.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП