25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата подготвува систем што ќе информира за службените трошења на премиерот и...

Владата подготвува систем што ќе информира за службените трошења на премиерот и другите функционери

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа дебата на која претставници на медиумите и граѓанските организации изнесоа мислења и понудија сугестии и идеи во врска со актуелните политики и процеси поврзани со транспарентноста и работата на Владата.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност, на јавната дискусија пред присутните учесници ја нагласија отвореноста на Владата за размена на искуства и согледување можни решенија кои можат да се инкорпорираат како предлог-политики за подобрување и унапредување на работата на Владата во насока на Агендата за транспарентност.

„Разговараме за една од клучните теми кои ја разликуваат оваа Влада од сите претходни, а тоа е отвореноста во пристапот кон медиумите и јавноста, отчетноста за сè она што Владата го работи, а тоа значи одговорно владеење, и тука сме да видиме како вие ги цените нашите политики“, истакна министерот Поповски.

Истовремено, тој ги повикаа присутните учесници во дискусијата да ги лоцираат проблемите со цел јавноста да добие повеќе релевантни информации кои се од интерес на граѓаните за да се подобрат меѓусебните релации.

Во поглед на Дигиталната транспарентност, беше најавено дека Владата на РМ наскоро ќе објави алатка, која на едноставен начин ќе ги визуелизира и прикажува личните, службени трошења на премиерот, министрите, заменик-министрите, државни секретари и Генералниот секретар на Владата на РМ. Целта на оваа алатка, како што беше речено, е да биде механизам што ќе информира за трошоците на јавните функционери и ќе алармира доколку се јават драстични отстапки во трошењата на јавните средства.

Советникот за односи со јавност во Кабинетот на премиерот и одговорен за Секторот за комуникации, отчетност и транспарентност, Марјан Забрчанец, потсети дека на оваа јавна дискусија ѝ претходеле серија консултативни средби со различни граѓански организации и медиуми, на кои се разговарало за сè она што го прави Владата за подобрување на демократскиот амбиент во државата, за обезбедување поактивна транспарентност и поголема пристапност кон сите граѓани.

Презентирајќи ја политичката волја за декласифицирање на информациите, кои во минатото биле тајни, владините претставници најавија дека се подготвува Стратегија за отворени податоци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП