3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија далеку зад Европа - картичките најчесто се користат само на банкомат

Македонија далеку зад Европа – картичките најчесто се користат само на банкомат

Македонските банки имаат издадено 1 милион и 862 илјади платежни картички заклучно со септември лани.

За една година нивниот број е зголемен за речиси 14 илјади. Според најновите податоци на Народната Банка најголемиот дел од картичките се од брендот Visa (речиси 1.1 милион), а потоа MasterCard (речиси 668 илјади). Останатите, American Express и Diners, заземаат многу мал процент. Според функцијата 1 милион и 442 илјади се дебитни а останатите се кредитни.

Од друга стана има блага тенденција на намалување на бројот на банкомати и ПОС терминали (уреди кои прифаќаат картички). Бројот на банкомати на крајот на септември 2017-та во земјава имало 1.026 што е за 8 помалку во однос на септември 2016-та.

„Се очекува дека тенденцијата на воведување на банкоматите со надградени, дополнителни функции ќе овозможи користи за сите страни вклучени во процесот на плаќањето, и тоа пред се кон промена на навиките на клиентите, односно користење на придобивките од софистицираните начини на плаќање, брзина и ефикасност во плаќањето, заштеда во времето на чекање на шалтерите на банките, а со тоа и намалување на рачната обработка на податоците на шалтерските работници“ наведува НБРМ во последната анализа на оваа тема.

За истиот период бројот на ПОС терминали се намалил за 1.185 и бил 33.539. Виртуелни места за продажба односно терминали за плаќање преку има 825 што е за 156 повеќе.

Иако бројот на картички надминува 1.8 милиони, мал дел од нив активно се користат. Главен фактор претставуваат културата и навиките на населението. Во Европската Унија трансакциите со платежни картички во просек се 32% од вкупниот промет, а во Македонија само околу 11%. Доколку се споредат трансакциите по глава на жител, во Македонија тој број достигнува 18, а во ЕУ 102.

Анализата на НБРМ за 2016-та покажува дека 71% од вкупниот промет со платежни картички бил само подигнување на готовина од банкоматите, со платежните картички бил остварен вкупен промет од 2 милијарди и 927 милиони евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП