17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТевдовски до коморите во Штип: Заедно креираме нов, европски и квалитетен закон...

Тевдовски до коморите во Штип: Заедно креираме нов, европски и квалитетен закон за јавни набавки

Заедно креираме нов, европски и квалитетен закон за јавни набавки, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски, во рамките на дебатата за предлог-законот за јавни набавки меѓу стопанствениците и предлагачите, што денеска продолжи во Штип.

Министерството за финансии најави дека ќе ги разгледа предлозите што ќе произлезат од дебатите и доколку соодветствуваат со европската регулатива, ќе ги имплементира во текстот.

„Со овој закон очекуваме да се зголеми транспарентноста на постапките. Во исто време тој треба да ја подобри ефикасноста, да стави акцент на најдобрата економска понуда, да ги поедностави постапките и да обезбеди услови за реална конкуренција. Има нови постапки, нови начини и алатки, особено во делот на електронски јавни набавки, има нови вредносни прагови за примена на законот, но и зајакната контрола и транспарентност“, истакна министерот.

Тевдовски најави и интензивни активности што ќе доведат до квалитетно подобрување во системот на јавните набавки, но и до подобрување на деловната клима.

„Ќе треба да се направи надградба на електронскиот систем за да се приспособи на новите решенија, како и да се воведе електронскиот пазар на мали јавни набавки. Исто така, се планира изготвување посебен закон за набавките од областа на одбраната и безбедноста. Ова е нешто што Европската комисија го нотира повеќе години поради неусогласеноста со соодветната директива за овој вид набавки“, најави министерот.

Законот се очекува да се усвои во октомври, а да се применува од јануари в година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП